Фото: Игор Бансколиев

Од каде потребата да покажуваме стручност за сè и што таа покажува?

Експертизи за вакцини, па за совршено родителство, за 5Г, за пандемијата и ковид-19, за падот на економијата, сега за воените кризи… На социјалните мреже врие од експертизи на неексперти. Нашите граѓани имаат „стручно“ мислење за сè и сешто и не се штедат да го искажат, често и да го наметнуваат и да убедуваат за него. Фејсбук, Твитер, Тик ток, па и Инстаграм секојдневно се арени за тоа кој е попаметен, во право или помудар за конкретно прашање. Од каде потребата да покажуваме стручност за сè и што таа покажува?

Социјален парадокс со желба за онлајн-внимание

Иво Куновски, психолог од Клиниката за психијатрија во Скопје вели дека социјалните медиуми стануваат незаменлив дел од секојдневието за поголемиот број на луѓе.
Сепак, смета дека тие претставуваат еден парадокс на социјален контакт со филтрирана претстава за луѓето, како и за нивните однесувања и ставови нерегулирани од повеќеслојните непосредни односи на животот офлајн.

Иво Куновски / Фото: Приватна архива

– Социјалните мрежи носат голем број придобивки, но сѐ повеќе истражувања истакнуваат и одредени негативни психолошки и социјални ефекти. Идејата што ја градиме за себе и светот се развива преку постојан поврат на информации помеѓу нас, другите и настаните што ги искусуваме. Делува дека социјалните медиуми се екстензија на овој процес и тие умеат да привлекуваат различни аспекти од нашата личност. Таму вообичаено сме склони да ја претставиме нашата идеализирана слика за себе и да се групираме со луѓе со слични вредности, слично како и во непосредните контакти – објаснува Куновски.

Но, според психологот, тие го имаат капацитетот прекумерно да поедностават некои комплексни социјални односи.

– Тие нудат поголем степен на детачираност, редуциран емоционален фидбек, отсуство на невербални знаци и овозможуваат ниво на дезинхибираност (особено на агресијата) што поретко се среќава во непосредните „офлајн“ односи. Дополнителен фактор за засилено онлајн-присуство е и вниманието што различните споделени ставови го добиваат, некогаш и без разлика дали добиваат негативни или позитивни реакции. Вниманието е форма на валидација што поткрепува да некој продолжи со одредено однесувањето. Како луѓе сме високо мотивирани кон самоекспресија и поврзаност кон други и разбирливо е зошто социјалните медиуми се толку популарни – заклучува тој.

Социјалните мрежи огледало на личноста која ги користи

Бојан Кордалов, комуниколог и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми вели дека социјалните медиуми се измислени за комуникација, дебата, или за изразување на став.

Бојан Кордалов / Фото: Приватна архива

– Дополнително, токму овие мрежи директно го рефлектираат секој човек, па и заедницата во целина. Со други зборови, какви сме во секојдневието, така ќе „зрачиме“ и на социјалните медиуми. Секој избира што, кога, каде и какви пораки ќе испрати. Единствено недозволиво е да се навредува, шири говор на омраза, демне, како и да се пласираат теории на заговор или лажни вести кои се непроверени, а можат да нанесат огромна штета за почеток во микро кругот на личноста, а постепено и на целото општество – посочува тој.

Лично, за себе, вели дека не е од оние кои на социјалните медиуми кажуваат став за секое прашање.

– Не заради тоа што го немам како човек, туку првенствено заради тоа што сметам дека треба да се држам до сопствената експертиза. Истовремено, избегнувам да пишувам кога нешто ме налутило, навредило или испровоцирало, бидејќи тогаш речникот и зборовите стануваат вистинско разурно оружје кое не само што може да навреди, буквално може да повреди, па дури и започне конфликт – објаснува Кордалов.

За таа цел, вели дека кога ќе се воздржиме неколку пати во таква состојба да не напишеме нешто на социјалните медиуми, всушност разбираме дека може да не го кажуваме јавно својот став за секое прашање и на секоја тема.

– Истовремено, мислам дека не треба да судиме никого, вклучително ниту оние кои се активни со онлајн коментари за секоја тема – додава тој.