Фото: Официјален фејсбук профил на Риши Сунак

Според најновата листа на богаташи на „Сандеј тајмс“, Риши Сунак и неговата сопруга Мурти губеле во просек по 500.000 фунти дневно во текот на изминатата година, па вредноста на нивното заедничко богатство прилично опаднала.

Списокот кој годишно ги рангира најбогатите луѓе во Британија, пресметува дека уделот што сопругата на Сунак го има во ИТ фирмата на нејзиниот татко, „Инфосис“, сега вреди 481,2 милиони фунти. Тоа е за 208,8 милиони фунти помалку од минатогодишната вредност, пишува „Политико“.

Според податоците, акционерството во „Инфосис“ – индиски технолошки гигант основан од таткото на Мурти – останува највредното богатство на оваа брачна двојка. Се проценува дека нивното заедничко богатство од 529 милиони фунти оваа година е помало во споредба со 730 милиони фунти во 2022 година. Двојката сега е рангирана на 275-то место на листата, паѓајќи од 222-рото, на кое била во 2022 година.

Богатството на Сунак и Мурти е бледо во споредба со бројките на врвот на листата на „Сандеј Тајмс“. Гопи Хиндуџа и семејството – сопственици на конгломерат за производство и финансии – се наоѓаат на врвот на листата, со богатство кое се проценува на 35 милијарди фунти.

Шефот на „Инеос“ – кој е голем поддржувач на Брегзит- Џим Ретклиф се наоѓа на второто место, со богатство од 29,68 милијарди фунти.

Останати политички фигури во горните ешалони на листата се сопственикот на „Дејли Телеграф“, Фредерик Баркли (на 27-то место со 6,418 милијарди фунти), членот на Домот на лордовите и поранешен донатор на лабуристите Сурај Пол (на 68-то место со 2,6 милијарди фунти) и конзервативниот донатор и негов колега, Мајкл Хинце (на 103-то место со 1,71 милијарди фунти).

Финансиите на Мурти во еден момент се заканија да ги попречат амбициите на Сунак за највисоката политичка функција, откако беше откриено дека таа има недомицилен статус -се работи за контроверзен даночен аранжман, според кој таа не плаќа данок на заработка надвор од Обединетото Кралство.

На крајот, таа сепак се согласи да плати британски данок на сите нејзини приходи. Според „Гардијан“, Мурти летово ќе добие скоро 6,7 милиони фунти дивиденда од нејзините акции во „Инфосис“.