Во последните 10 години во светот се убиени 958 новинари, соопшти денеска високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк, цитиран од ДПА.
Во истиот период, повеќе од илјада новинари беа затворени, рече тој на почетокот на конференцијата во Виена посветена на заштитата на медиумските работници. „Овој број е неприфатлив“ – рече Турк во видео-обраќањето од Женева.
Конференцијата е во организација на австриското Министерство за внатрешни работи заедно со Обединетите нации по повод 10-годишнината од воведувањето на Акцискиот план на ОН за безбедност на новинарите.
Според Турк, планот постигнал успех, бидејќи мерките за заштита на медиумските професионалци се воспоставени или зајакнати во околу 50 земји. Во последниве години, просечниот број на убиени луѓе е намален, но потребни се повеќе напори за заштита на новинарите, нагласи тој.
– Секоја и секаква закана за новинар е закана за вашите права, моите права и правата на сите на слобода на информирање, мислење и изразување“ – нагласи шефот на агенцијата за човекови права на ОН. Тој, исто така, објави дека од 2006 година, само 13 отсто од убиствата поврзани со медиумите биле успешно истражени.