На официјалната веб-страница на Кремљ денеска е објавено соопштение од рускиот претседател Владимир Путин, во кое тој ја изразува својата благодарност до лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, за учеството на севернокорејски војници на страната на Русија во борбите во Курската област.
Изјавата на Путин следува откако Северна Кореја за првпат јавно призна дека испратила свои војници да се борат против украинските сили на руска територија.
– Во разбивањето на неонацистичките формации на киевскиот режим, кои навлегоа на нашата територија, активно учествуваа единици од Корeјската народна армија – во целосна согласност со меѓународното право и со Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Руската Федерација и Корејската Народнодемократска Република од 19 јуни 2024 година. Особено согласно член 4 од договорот, кој предвидува итна воена помош во случај на вооружен напад врз една од страните – се наведува во соопштението на Путин.
– Корeјските пријатели дејствуваа од чувство на солидарност, правичност и вистинско другарство. Ова високо го цениме и сме искрено благодарни лично на претседателот на Државните работи, другарот Ким Џонг-ун, како и на целото раководство и народот на КНДР – истакна рускиот претседател.
Путин додаде дека „рускиот народ никогаш нема да го заборави подвигот на корејските борци од специјалните единици“ и дека „секогаш ќе ги чествува хероите кои ги дадоа своите животи за Русија и за заедничката слобода, заедно со руските соборци“.
– Уверени сме дека односите на пријателство, добрососедство и соработка меѓу нашите земји, зацврстени на бојното поле, ќе продолжат успешно и динамично да се развиваат во сите области – се вели во заклучокот на соопштението на Владимир Путин.