Фото: Принтскрин

Пет луѓе загинаа, а 18 се ранети во пукање во ноќен клуб во САД, јавуваат американските медиуми.

Пукањето се случило во геј клуб во Колорадо Спрингс, во американската сојузна држава Колорадо. Клубот Кју, каде што се случил инцидентот, се рекламира како ноќен клуб ориентиран кон хомосексуалци и возрасни. Во него се одржуваат тематски вечери со караоке и диџеи.

Напаѓачот е уапсен, потврди началничката на полицијата во Колорадо Спрингс, Памела Кастро. Таа не појасни дали меѓу повредените во пукањето е и осомничениот.

За нападот соопштија и од клубот на нивната Фејсбук страница.

„Ние сме тажни поради овој напад врз нашата заедница. Нашите молитви и мисли се со сите жртви и нивните семејства и пријатели. Благодарни сме за брзите реакции на нашите посетители кои го совладаа напаѓачот и ставија крај на овој напад од омраза“, напишаа тие.

Полицијата засега не дава никакви информации за мотивите на нападот.