Бродот „Разони“ регистриран во Сиера Леоне, кој исплови од Одеса на 1 август, носејќи 26.527 тони пченка во Либан, пристигна крај турскиот брег на Црно Море. Според ОН, околу 27 брода чекаат да испловат во три украински пристаништа со товар и потпишани договори.
Делегација на инспектори од специјалниот заеднички координативен центар е во проверка на првиот брод што превезува украинско жито според договорот постигнат со посредство на ОН за обновување на извозот на жито од земјата разурната од војната. Турскиот контраадмирал Озџан Алтунбулак, координатор во заедничкиот центар, рече дека „подготовките и планирањето“ продолжуваат за другите бродови што се очекува да ги напуштат украинските пристаништа.
Неименуван висок турски функционер претходно изјави за „Ројтерс“ дека Анкара очекува приближно еден брод со жито да ги напушта украинските пристаништа дневно сѐ додека важи договорот постигнат со посредство на ОН. Запирањето на испораките на жито од Украина, еден од најголемите светски извозници на жито, придонесе за скок на цените на храната и предизвика загриженост за земјите од Блискиот Исток и од Африка, кои добиваат жито и други производи за да го прехранат своето население.