Основачот на паравоената „Вагнер“, Евгениј Пригожин не го криеше гневот од одлуката на францускиот парламент кој неговата група платеници ја прогласи за терористичка организација. Тој испрати директна закана до францускиот претседател Емануел Макрон, пишува „Политико“.
На прашањето на руските новинари, Пригожин рече дека „Вагнер“ ги спасува луѓето во Централна Африка од француски војници, кои „едноставно ги исмевале“.
-Со клешти можеме да ги извадиме скапаните заби од тие зли усти. Можеме да му ги извадиме забите на Макрон и воопшто на секој што истура патогена нечистотија за „Вагнер“ – вели Пригожин.
Во вторникот француските пратеници ја повикаа Европската унија да го прогласи „Вагнер“ за терористичка група и да користи повеќе правни средства за да ја блокира финансиската активност на „Вагнер“ во Европа.
ЕУ воведе санкции за Пригожин во април минатата година.
-Тие не се само платеници, постои волја да се масакрираат цивили за политичка корист, да се дестабилизираат институциите – рече Бенџамин Хадад, пратеник од партијата на Макрон, пред гласањето.
Паравоената група е во голема мера вклучена во битката за Бахмут, град во источна Украина, кој беше сцена на жестоки борби во последните месеци.