Илустрација / Фото: Министерство за одбрана на Русија

Враќањето на стратешки важниот град Лиман од страна на украинските сили по повлекувањето на Русите, на територијата што е анектирана, отвора прашања за тоа како Русија може да ги задржи околните територии, откако ѝ се пресечени каналите за снабдување, пишуваат светските медиуми.

Враќањето на Лиман, што вчера го објави украинскиот претседател Владимир Зеленски, се смета за најзначаен успех на Киев на фронтот во изминатите неколку недели, со што пружа простор за организирање напади кон истокот, наспроти дополнителниот притисок од Кремљ.

Руската армија не се изјасни за ситуацијата во Лиман откако претходно соопшти дека ги повлекува трупите на поповолни позиции.

Загубата на Лиман кој Украина го врати откако претходно ги опколи руските трупи претставува значителен удар за Русите кои со месеци го користеа градот за витална логистика во регионот Донецк, односно за да пренесуваат воена опрема, трупи и на потребните залихи.

– Без овие рути ќе биде потешко, па тоа отвора своевидна дилема за Русите – вели американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

Лиман е во Донецк, близу границата со регионот Луганск. Донецк и Луганск се два од четирите региони што Русија ги анектираше во петокот, по референдумите што Западот не ги признава.

Американскиот тинк-тенк, Институтот за проучување на војната, смета дека падот на Лиман сугерира оти одбраната на Луганск претставува намален приоритет за Русија, за да ја задржи територијата под нејзина контрола во Јужна Украина.

– Украинските и руски извори постојано индицираат дека руските сили продолжуваат да ги засилуваат позициите во Херсон и Запорожје, наспроти падот на фронтот Харков – Изјум, а дури и откако дојде до пад на руските позиции околу Лиман – се вели во проценката на американските аналитичари.

Украинските сили вратија дел од териториите под руска контрола, главно на североистокот, во рамки на контраофанзивата што трае во изминатите неколку недели.