Цената на нафтата нагло порасна и достигна највисоко ниво во последните четири години, откако порталот „Аксиос“ објави дека американската воена команда подготвува брифинг за Доналд Трамп со опции за можна акција против Иран.
Оваа информација ги засили стравувањата од нова ескалација на тензиите на Блискиот Исток, што веднаш се одрази врз енергетските пазари.
На лондонската берза, цената на нафтата од типот „Брент“ за испорака во јуни скокна за 6,84 проценти и достигна 126,10 долари за барел, по што се стабилизираше на околу 123,7 долари. И покрај тоа, остана повисока за 4,8 проценти во однос на претходниот ден.
Истовремено, американската „лесна“ нафта надмина 110 долари за барел.
Растот на цените следи по вчерашното зголемување од над шест проценти, при што „Брент“ достигна највисоко ниво од почетокот на 2022 година.
Според извештајот на „Аксиос“, американската Централна команда подготвува планови за можна воена интервенција, повикувајќи се на два извора запознаени со ситуацијата.
Во меѓувреме, Трамп наводно го одбил предлогот на Техеран за повторно отворање на Ормуска Теснина, што укажува дека поморската блокада ќе продолжи додека не се постигне поширок договор за иранската нуклеарна програма.
Овој клучен поморски премин, преку кој поминува околу една петтина од светската нафта и течен природен гас, останува сериозно нарушен, што дополнително ја зголемува неизвесноста на пазарите.
Инвестициската банка „Голдман Сакс“ проценува дека извозот преку Ормуската Теснина паднал на само четири проценти од вообичаеното ниво, во услови на застој во преговорите меѓу САД и Иран и засилени геополитички тензии.

































