фото: Пeкселс

Весниците Њујорк тајмс, Гардијан, Ел Паис, Ле Монд и Дер Шпигел денеска ја повикаа американската администрација да престане кривично да го гони основачот на Викиликс Џулијан Асанж за објавувањето голем број тајни документи.

Против 51-годишниот Австралиец во САД е поднесена тужба заради објавување на повеќе од 700.000 доверливи документи за американските воени и дипломатски активности, особено во Ирак и Авганистан, за што пишуваа овие пет весници од 2010 година. Доколку биде осуден, се соочува со затворска казна од 175 години.

Шведските власти поднесоа налог за апсење на Асанж во 2010 по обвиненија за силување и сексуално малтретирање. Подоцна тој беше уапсен во Велика Британија, каде што се наоѓал во тој момент, и чекал пресуда за барање за екстрадиција во Шведска. Две години подоцна побарал азил во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што остана во наредните седум години. Во 2019 година Шведска ги повлече обвинувањата против него. Во 2019 година Еквадор од Асанж побара да ја напушти амбасадата, по што беше уапсен од британската полиција и моментално се наоѓа во затвор со висок степен на обезбедување во близина на Лондон, во очекување на судскиот одговор на жалбата против одлуката на британската влада да го екстрадира во САД.

– Собирањето и објавувањето чувствителни информации кога тоа е од јавен интерес е главен дел од секојдневната новинарска работа – пишуваат главните уредници и директори на петте весници.

„Ако оваа работа се криминализира, тоа во голема мера ќе го ослаби не само квалитетот на јавната дискусија, туку и нашата демократија“, предупредуваат тие. Весниците оценуваат дека „дванаесет години по првите објавувања“ е „време американската влада да се откаже од кривичното гонење на Џулијан Асанж“, „објавувањето не е кривично дело“.

Авторите истакнуваат дека законот за анти-шпионажа од 1917 година, на кој се повика Судот кога Доналд Трамп беше претседател, „никогаш не се применувал за новинари, медиуми и издавачи“.

„Ваквото обвинение е опасен преседан“ и ја „загрозува слободата на информирање“.