Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека се согласува со унгарскиот премиер Виктор Орбан дека политиката што ја водат Соединетите Американски Држави директно придонесува за продолжување на конфликтот во Украина.
Коментирајќи ја изјавата на Орбан дека САД би можеле веднаш да го прекинат конфликтот, но дека не сакаат да го сторат тоа, Песков рече дека „не може да се несогласи со тоа“.
– Ова е точно на многу начини, бидејќи САД се однесуваат како водач за снабдувањето на Украина со поновo и поновo оружје – рече портпаролот на Кремљ на прес-конференција, додавајќи дека Вашингтон ја турка Украина да се бори до последниот Украинец, пренесе „Тасс“.
Зборувајќи за ситуацијата на фронтот, Песков рече дека руската противвоздушна одбрана повторно ја покажува својата ефикасност поради континуираните обиди на Украина да ги нападне руските објекти.
На прашањето за паравоената група „Вагнер“, портпаролот на Кремљ рече дека руската влада има намера да го испита нејзиниот правен статус.
– Претседателот рече дека „Вагнер“ никогаш не постоел како правен субјект и дека ова прашање бара дополнително проучување и разгледување – рече Песков.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин не планира телефонски да разговара со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган во следните неколку дена.
– Ваков разговор засега нема во распоредот на претседателот. Доколку е потребно, ќе биде закажан – изјави портпаролот на Кремљ.