Полицијата трага по 40 мајмуни кои во средата навечер побегнале од истражувачката установа Алфа Генезис во Јужна Каролина. Полицијата постави замки и користи термални камери во обид повторно да ги фати животните.
„На жителите им се советува да ги држат своите врати и прозорци затворени за да ги спречат овие животни да влезат во нивните домови. Секој што ќе најде мајмун не треба да стапи во контакт со него и да се јави на 911“, соопшти полицијата на округот Бофорт.
Алфа Генезис спроведува клинички испитувања на мајмуни, вклучително и третмани за мозочни нарушувања и тврди дека има „еден од најголемите и најсеопфатните објекти во САД за примати кои не се луѓе, дизајниран специјално за мајмуни“.
Полицијата не соопшти за која раса избегани примати станува збор, но на веб-страницата на истражувачкиот центар пишува дека работи со макаки и капучини. Исто така, не е познато во какви експерименти учествувале забеганите мајмуни и дали биле изложени на некоја болест. Од лабораторијата засега не се огласиле.
Американски ТВ канал потсетува дека институцијата обезбедила федерален договор за управување со колонија од 3.500 мајмуни на островот Морган во близина на брегот на Јужна Каролина, познат и како остров на мајмуните.
Локалните медиуми наведуваат дека мајмуните бегале неколку пати во областа, вклучително и оваа година и во 2016 година кога 19 примати избегале од обезбедувањето во Алфа Генезис пред да бидат повторно фатени шест часа подоцна.
Исто така, во 2022 година, три мајмуни избегале по сообраќајна несреќа во рурална Пенсилванија.