Дмитриј Песков/Фото: Кремљ

Кремљ денеска ја осуди „директната вмешаност“ на Западот во конфликтот во Украина, по најавата за испорака на десетици европски и американски тенкови за Киев.

– Од европските престолнини и од Вашингтон постојано пристигнуваат декларации дека испраќањето на различни системи за оружје, вклучително и тенкови, во Украина во никој случај не значи вмешаност на тие земји или НАТО во непријателствата што се случуваат во Украина. Категорично не се согласуваме – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Во Москва тоа го гледаме како директна вмешаност во конфликтот и гледаме дека таа се зголемува – додаде Песков.

Германската влада вчера ја потврди испораката на тенкови „Леопард“ во Украина и одлуката да им дозволи на земјите партнери и тие да испратат тенкови во Киев.

Украина оваа година би можела да добие до 100 најсовремени тенкови од германско производство, што е една третина од бројот што го побара.

Американскиот претседател Џо Бајден, пак, на прес-конфренција, најави дека САД ќе испратат 31 тенк „Абрамс“ во Украина.