Фото: Твитер/Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, по денешната средба со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел во Брисел, истакна дека разговарале за интензивирање на соработката во енергетиката и намалување на зависноста од увоз на руски енергенси.

– Односите ЕУ – САД никогаш не биле посилни – посочи Блинкен.

Тој додаде дека САД минатата година извезле 56 милијарди кубни метри течен гас во Европа, што е 40 отсто од европскиот увоз, јави БТА.

Блинкен изрази задоволство што ЕУ досега и обезбедила на Украина 13 милијарди евра воена помош, како и десетици милијарди евра економска и хуманитарна поддршка за Киев. Тој истакна дека Русија ќе остане без пари следната година поради санкциите воведени кон Москва поради војната во Украина.

– Пред повеќе од една година, Путин го започна уништувањето на Украина и изгледа решен да продолжи со бруталното крвопролевање и уништување. Путин продолжува да ја продлабочува војната, а не постигнува ништо. Нуклеарните закани и испраќањето нуклеарно оружје во Белорусија претставуваат директна закана за европската безбедност – посочи Борел.

Тој истакна дека со Блинкен разговарале и за улогата на Кина и јасното кршење на Повелбата на ОН од страна на Русија.

– Кина има морална обврска да придонесе за праведен мир во Украина. Кина не може да поддржи воена агресија, ова е нашата порака до Пекинг – наведе Борел.

Тој додаде дека денеска во Пекинг се претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон и најави оти и тој следната недела ќе отпатува за Кина.

– Јасно му кажавме на Пекинг дека ставот за руските воени злосторства ќе го одреди квалитетот на нашите односи – резимира Борел.