Триесет и три лица досега се извлечени живи од урнатините по разорните земјотреси во Венецуела, соопшти привремената претседателка Делси Родригес. Меѓу спасените има и неколку деца, но десетици илјади луѓе сè уште се водат како исчезнати, додека надежта за пронаоѓање нови преживеани сè повеќе се намалува.
Бројот на загинатите во двата последователни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени достигна 1.400. Во спасувачките операции во најтешко погодената сојузна држава Ла Гуаира се вклучија и повеќе од 1.600 странски спасувачи.
Во првите денови по катастрофата, семејства и доброволци самостојно трагаа по преживеани и извлекуваа тела од урнатините, предупредувајќи на недостиг од тешка механизација и ограничено присуство на државните служби. Потрагата дополнително ја отежнуваа стотиците последователни потреси.
Властите во меѓувреме го ограничија пристапот до главниот пат кон погодениот регион, образложувајќи дека сообраќајниот метеж го попречува движењето на возилата на службите за итни случаи. Патот сега е отворен само за акредитирани лица.
Според владата, стотици лица и натаму се водат како исчезнати или се затрупани под урнатините. Од друга страна, интернет-страница поддржана од политичката опозиција објави дека околу 50.000 луѓе сè уште се исчезнати, што е помалку од вчерашните околу 55.000.
Американскиот геолошки институт проценува дека конечниот број на жртви би можел да надмине 10.000, што би ја направило оваа катастрофа една од најсмртоносните во Латинска Америка во последниот век.
-Постои период од околу 72 часа, по кој шансите за пронаоѓање живи луѓе нагло се намалуваат – изјави Себастијан Огстер, раководител на швајцарскиот спасувачки тим.
Тој рече дека неговиот тим, со помош на осум специјално обучени кучиња, лоцирал повеќе преживеани под урнатините, но не успеал навреме да стигне до нив.
Со оглед дека синоќа истекоа критичните 72 часа од земјотресите, меѓународните спасувачки тимови во наредните денови ќе проценат кога ќе биде прекината потрагата по преживеани. По завршувањето на спасувачката фаза, тие ќе продолжат да помагаат во справувањето со последиците од катастрофата.
































