Ал Акса/Фото: Пиксабеј

Израелската полиција повторно се судри со Палестинците во џамијата Ал Акса, според тврдењата на сведоци, неколку часа по апсењето на повеќе од 350 луѓе во рацијата во комплексот, наспроти апелот на САД за смирување на тензиите, пренесува „Ројтерс“.

Судирите за време на исламскиот празник Рамазан и во пресрет на еврејскиот празник Пасха, поттикнаа прекугранична размена на оган во Газа и стравувања за проширување на насилството.

Верниците се затвориле во џамијата по повикот на исламистичката група Хамас да го заштитат верскиот објект од намерите на еврејските екстремисти за жртвување на коза во комплекстот во кој се наоѓа Ал Акса.

Ритуалот на жртвување потекнува од еврејската света книга Тора, но денес не е често изведуван. Сепак, одредени верници сметаат дека ритуалното жртвување на коза за празникот Пасха може да се изведе само во Храмовната гора, како што меѓу Евреите е познат ридот на кој се наоѓа комплексот. Се смета дека екстремистичката еврејска група „Враќање на ридот“ е поврзана со обидите за жртвување на коза во комплексот.

Ал Акса, сместена во Ерусалим, е третото најсвето место во исламот, при што привлекува десетици илјади верници за време на Рамазан. А истовремено претставува и најсвето место во јудаизмот. Во рамки на долгорочниот договор за „статус кво“, немуслиманските верници можат да го посетат комплексот, а само муслиманите можат да учествуваат во верски обреди.

Портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека израелската рација во Ал Акса е напад врз верниците и шлаканица за неодамнешните напори на САД, кои се обидоа да создадат стабилност за време на месецот на Рамазан.

Полицијата се обиде да ги отстрани од џамијата, како што соопшти, маскираните провокатори кои се забарикадирале во објектот, откако пропаднале преговорите за нивно мирно напуштање на Ал Акса. Полицијата употребила шок-бомби и гумени куршуми додека врз неа биле фрлани разни предмети, при што во судирите повредени се десетина Палестинци и неколку полицајци.

Палестинските милитанти истрелаа најмалку девет ракети од Газа кон Израел по првиот судир во Ал Акса, што резултираше со израелски воздушни удари врз енклавата. Израел тврди дека цел на воздушните напади биле локации каде што наводно се произведува оружје за Хамас.

Исламистичката група не презеде одговорност за ракетните напади, но истакна дека тие биле одговор на рацијата врз Ал Акса. Уште две ракети биле истрелани од Газа, непосредно пред вториот судир во Ал Акса, каде што судирите во 2021 година поттикнаа 10-дневна војна со Газа.

– Не сме заинтересирани за ексалација, но подготвени сме за секое сценарио – категорично соопшти гласноговорник на израелската армија.

Згора, годинава Пасха почна вчера, а завршува идниот четврток, што значи дека се совпаѓа со светиот исламски месец на Рамазан, што дополнително ги засилува тензиите.