Фото: Игор Бансколиев

Цените на становите во Скопје во првиот квартал годинава бележат раст од  18,8 проценти на годишно ниво, а од 1,3 отсто на квартално ниво, покажуваат податоците на Народната банка.

Во првиот квартал лани недвижностите поскапеа за 12,4 отсто  на годишно ниво, по што следеше  раст од 16,6 отсто во вториот квартал, од 21,2 отсто во третиот и од 20,6 проценти во четвртиот квартал.

Народната банка го подготвува индексот на цените на становите  за територијата на Скопје, врз основа на податоци кои се однесуваат на огласите за продажба објавени од агенциите коишто се занимаваат со промет со недвижности.

Во периодот јули – декември 2022 година во базата на Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности се внесени 17.583 трансакции (вкупниот број на трансакции е збир од вкупниот број на купопродажби и вкупниот број на закупи), од кои 12.997 купопродажби на недвижности (вкупниот број на купопродажби е збир од вкупниот број на продажби, продажби на лицитација, продажби од инвеститор и откуп од  Македонија) и 4.586 закупи на недвижен имот.

Бројот на купопродажби, според податоците од Регистарот, во периодот јули – декември 2022 година, во однос на периодот јули – декември 2021 година, е намален за пет проценти, додека кај закупи во тој споредбен период има зголемување за 13 проценти.

Во второто шестмесечје од 2022 година најмногу купопродажби се регистрирани во ноември, 2.810, а најмалку во октомври 1.668.

Вредноста на 12.997 регистрирани купопродажби изнесува 509 милиони евра. Конкретно, регистрирани се 10.630 продажби во вредност од 382 милиони евра, 24 продажби на лицитација од милион евра, 2.042 продажби од инвеститор вредни 120 милиони евра, како и 301 откуп од државата, со вредност од пет милиони евра.

Во втората половина од минатата година, најмногу закупи се регистрирани во ноември, 1.077, а најмалку, 417, имало во август.  Евидентирани се 1.568 закупи на станови во вредност од 342 илјади евра, 655 закупи на куќи во вредност од 178 илјади евра, 1.790 деловни простории во вредност од 1.489 илјади евра.

Податоците на Катастарот на недвижности покажуваат дека во периодот октомври – декември 2022 година се запишани  1.956 товари врз недвижностите, со вкупна вредност од 434.727.328 евра и 2.362.305.636 денари.

Во Центарот за катастар на недвижности Скопје се впишани 695 во вредност од  73.233.230 евра и 369.133.334 денари, а во 29 подрачни одделенија за катастар на недвижности (ОКН) низ државата.