Физичкиот интегритет на нуклеарната централа „Запорожје“ е нарушен и постои загриженост за тамошната ситуација, истакна синоќа генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, откако помина неколку часа во нуклеарката, пренесува „Ројтерс“. Тој додаде дека пукањето било „непријатно близу“ за време на посетата на „Запорожје“.
– Очигледно е дека електраната и нејзиниот физички интегритет се нарушени во повеќе наврати. Ова е нешто што не смее да продолжи – кажа Гроси.
Првиот човек на МААЕ и неговиот тим на експерти од Обединетите нации вчера преминаа преку линиите на фронтот за да ги проценат оштетувањата на најголемата нуклеарна централа во Европа.
Грос кажа дека бил во можност да ја разгледа во потполност нуклеарната електрана, вклучувајќи ги клучните локации, како системите за тревога и контролните простории. Тој и неговиот тим сега треба да спроведат анализа на техничките аспекти.
– Не одиме никаде. МААЕ е тука сега, во електраната и не се помрднува. Ќе остане тука – категорично порача Гроси пред медиумите откако се врати на територијата под контрола на Украина.
Нуклеарните експерти, според Гроси, треба да пружат објективна, неутрална и технички издржана проценка за случувањата на теренот.
Работата на тимот на МААЕ била оневозможена неколку часа поради гранатирањето во близина.
– Овие моменти каде што стрелбата беше очигледна, под силен митралески оган и гранати, во два три наврати беше навистина загрижувачка за сите нас – посочи Гроси.
Еден од реакторите на „Запорожје“ вчера беше принудно исклучен поради гранатирањето.
One of the plant’s reactors was forced to shut down on Thursday due to shelling.
„Запорожје“ дојде под контрола на руските сили недолго по избивањето на војната во Украина, при што постои голема загриженост дека гранатирањето би можело да предизвика нуклеарна катастрофа.
Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за гранатирањето. Украинската страна ја обвинува руската дека ја користи нуклеарната електрана за заштита на нејзините трупи, додека „Запорожје“ и натаму функционира со украински персонал.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски во повеќе наврати апелираше трупите да ја напуштат нуклеарната централа, што го поддржаа и западните сојузници на Киев и Обединетите нации.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера порача дека Москва прави се што е во нејзина моќ за да ги осигури безбедното функционирање на „Запорожје“ и работата на нуклеарните експерти на МААЕ.