Се претпоставува дека шестмината исчезнати по уривањето на мостот во Балтимор не ја преживеале несреќата, при што потрагата по нив привремено е прекината, соопштија локалните власти, a пренесоа американските медиуми.
– Се претпоставува дека шесте лица по кои се трагаше по уривањето на мостот во Балтимор не ја преживеаја несреќата. Не веруваме дека ќе ги најдеме живи – изјави Шенон Гилрет од крајбрежната стража, пренесува „Гласот на Америка“.
Меѓу шесте лица по кои се трага во реката има работници од Мексико и Гватемала, кои ги поправале дупките на мостот – јавува „Си-ен-ен“.
Медиумот потсетува дека несреќата се случила вчера, кога еден од столбовите на мостот „Френсис Скот Ки“ во Балтимор беше удрен од голем товарен брод, по што се урна дел од конструкцијата. И луѓето и автомобилите паднале во водата од висина од 50 метри. Две лица се спасени вчера од водата.