Фото: Пиксабеј

Кремљ реагираше на изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон дека испраќањето западни трупи на теренот во Украина не е „исклучено“ во иднина. На вчерашната конференција во Париз, Макрон потврди дека „во оваа фаза нема консензус“ во врска со одлуката, но дека „ништо не треба да се исклучи“.

– Самиот факт дека се разговара за можноста за испраќање одредени контингенти во Украина од земјите на НАТО е многу важен нов елемент – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на новинарите на прашањето за изјавите на Макрон.

Тој се осврна и на ризикот од директен конфликт меѓу Русија и НАТО доколку членките на НАТО испратат свои војници да се борат во Украина.

– Во тој случај не би морале да зборуваме за веројатноста, туку за неизбежноста на директен конфликт – рече Песков.

Шведска, Чешка и Полска се оградија од изјавите на Макрон. Во меѓувреме, Киев реагираше позитивно на коментарите на Макрон. Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак истакна дека дискусијата за потенцијалната интервенција на Западот во војната била добра.

– Ова покажува, прво, апсолутна свест за ризиците што ги носи Европа од милитаристичка, агресивна Русија – истакна Подољак.