Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека руската и американската делегација на разговорите во Ријад „не само што се слушале туку и се слушнале“ и најави скоро отворање на амбасади во двете земји.
Лавров на прес-конференција по средбата рече дека двете страни се договориле да обезбедат „најбрзо можно“ именување на амбасадори и отстранување на бариерите што американската администрација, особено онаа на претходниот претседател Џо Бајден, ги поставуваше меѓу дипломатските претставништва долги години.
Тој додаде дека меѓусебното присуство на амбасадите е „практично договорено“, што значи дека двете страни се согласиле дека треба да ги решат прашањата за функционирањето на дипломатските претставништва – пренесе „Гардијан“.
Лавров ги оцени разговорите меѓу двете делегации како „многу корисни“.