Lukas

Шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, денеска ја предупреди Москва да не го користи наводниот напад со дрон врз Кремљ како изговор за зајакнување на воената офанзива во Украина, по што заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев го обвини Киев за инцидентот. И Борел и Медведев зборуваа за поврзаност на наводниот напад со можна ескалација на војната во Украина.

-Ја повикуваме Русија да не го користи наводниот напад како изговор за продолжување на ескалацијата на војната. Загрижени сме што Москва може да го искористи ова како оправдување за уште поголема мобилизација на војниците и за уште повеќе напади врз Украина – рече Борел пред состанокот на министрите за развој на ЕУ.

Тој потсети на тврдењето на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Украина не е вмешана во наводниот напад.

-Ја видов снимката и слушнав што рече украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој рече дека Украина не е вмешана. Украинците ја бранат својата земја. Тие се борат на нивно тло, не ја напаѓаат Русија – нагласи Борел.

Нападот на Киев со дрон врз Кремљ, предводен од САД и одобрен од раководството на ЕУ, ќе доведе до ескалација на конфликтот, изјави денеска Медведев.

– Високиот дипломат на Европската Унија, Жозеп Борел, се изјасни против нападот врз Кремљ поради можната натамошна ескалација на конфликтот. Терористичкиот напад што го извршија властите во Киев, предводени од САД и одобрени од раководството на ЕУ, треба да го ескалира конфликтот. Токму тоа го сака Вашингтон и многумина во Брисел – напиша Медведев.

Русија вчера ја обвини Украина за напад врз Кремљ со беспилотни летала во текот на изминатата ноќ, и инциденто го оцени како неуспешен обид за атентат на претседателот Владимир Путин, додавајќи дека нападот претставува „планирана терористичка акција“ и го задржува правото да возврати.

Украина негираше каква било вмешаност во инцидентот откако беше објавена снимка од летечки објекти што се приближуваат до Кремљ, од кои еден експлодира.

Руската јавна телевизија денеска објави снимка од претседателот Путин на работна средба во Кремљ, што е негово прво појавување во јавноста откако Москва објави за обидот за атентат врз него. На снимките, што се без датум, Путин е придружуван од министерот за економски развој Максим Речетников.


Бела куќа: Лага се тврдењата дека САД се вклучени во нападите со дронови на Кремљ

Изјавите на Русија дека нападот со дронови на Кремљ е организиран од САД се лажни, изјави денеска Џон Кирби, координатор за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност во Белата куќа.

– Очигледно тоа е апсурдно тврдење. Соединетите Држави со ова никако не се поврзани. Ние дури не знаеме што всушност се случило, но можам да ве уверам дека Соединетите Држави не играат никаква улога во ова – изјави Кирби во интервју за „Си-ен-ен“.

Додаде дека Путин е агресор и може да го заврши конфликтот со повлекување на војската од територијата на Украина. Тој исто така изјави дека не му се познати разузнавачки информации дека Русија има намера да врши напади на системите на критична инфраструктура на НАТО.

Коментарот доаѓа по изјавата на првиот човек на разузнавањето на НАТО дека Русија може да саботира подводни кабли за да се одмазди на западните земји за помошта што ја даваат на Украина. Во врска со ова Алијансата ја засили заштитата на подводната инфраструктура по експлозиите на гасоводот „Северен тек“ лани во септември.

– За тоа ние помниме и внимателно следиме уште од самиот почеток на војната – изјави Кирби.

Во врска со нападите на дронови на Кремљ и денешното обвинување од Русија дека зад тие напади стојат САД, а со цел убиство на претседателот Владимир Путин, Кирби за „Ем-ес-ен-би-си“ изјави дека портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, лаже.

– Тој едноставно лаже – изјави Кирби за телевизијата.