Ја осудувам одлуката на Русија да го прошири признавањето на самопрогласените „Доњецка народна република“ и „Луганска Народна република“, изјави вечерва генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

– Ова дополнително го поткопува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, ги еродира напорите за решавање на конфликтот и ги прекршува договорите од Минск, во кои Русија е засеганата страна – рече Столтенберг.

Тој ја обвини Русија дека бара изговор за инвазија на Украина.

– Во 2015 година, Советот за безбедност на Обединетите нации, во кој членува Русија, го потврди своето целосно почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина. Доњецк и Луганск се дел од Украина – се наведува во соопштениетo на Столтенберг.

Москва продолжува да го поттикнува конфликтот во источна Украина со обезбедување финансиска и воена поддршка на сепаратистите. Исто така, се обидува да исценира изговор за уште еднаш да ја нападне Украина.

– НАТО го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници. Сојузниците ја повикуваат Русија, на најсилен можен начин, да го избере патот на дипломатијата и веднаш да го промени своето масовно воено засилување во и околу Украина и да ги повлече своите сили од Украина во согласност со нејзините меѓународни обврски и обврски – инсистира Столтенберг.