Обидот за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо има „политички мотив“, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток во болницата во Банска Бистрица, каде што Фицо (59) беше опериран, јави ДПА.
Неговата состојба се оценува како животнозагрозувачка. Борејќи се со солзите, министерот за одбрана Роберт Калинак, исто така, ја нарече состојбата на Фицо „исклучително сериозна“. Калинак е еден од замениците на Фицо во партијата и владата.
Според информациите словачките медиуми, осомничен за атентатот е Ј.Ц., поранешен вработен во приватна фирма за обезбедување и член на Друштвото на словачки писатели.
И покрај ембаргото за информации, радиодифузерот можеше да добие видеоснимка од болницата. Во неа, осомничениот напаѓач со зашеметен поглед кажа „не се согласувам со владината политика“. Со нејасен говор, тој како конкретен пример го наведе владиниот план за затворање на јавната радио и телевизија РТВС, против кој илјадници луѓе демонстрираат со недели.
Словачкиот министер за внатрешни работи најави зголемена полициска заштита за политичарите и новинарите. Истовремено, тој ги повика медиумите, политичарите од сите табори и јавноста да престанат да „поттикнуваат омраза против политичките противници на социјалните мрежи“.
Претседателката Зузана Чапутова веќе изрази слични ставови. Лидерот на либералната опозиција Михал Шимечка вечерва ги откажа сите планирани политички акции на неопределен период.
– Ова, исто така, важи и за демонстрациите против владата во Братислава планирани за вечерва – изјави тој за новинарите во словачкиот парламент.
Собраниската седница закажана за денеска веќе беше одложена на неопределено време, пренесе ДПА.
Фицо е ранет со неколку истрели во градите и стомакот, откако во местото Хандлова, на 150 километри од Братислава, заврши владината седница. Атентатот се случи кога Фицо отиде да се поздрави со насобраните граѓани на плоштадот во местото.
Според информациите, премиерот на Словачка бил застрелан со неколку истрели во градите и стомакот. Тој итно со хеликоптер е пренесен во болницата, но неговата состојба е многу сериозна.