Седум лица загинаа, а над 100 се повредени кога руска ракета денеска погоди централен плоштад во северниот украински град Чернихив, соопштија украинските власти.
-Луѓе одеа до црквата за да присуствуваат на верски фестивал кога беше извршен нападот – соопшти Министерството, додавајќи дека 11 од повредените се деца.
„Руска ракета погоди точно во центарот на градот, во нашиот Чернигов“, напиша претходно денеска во Телеграм украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Плоштад, политехнички универзитет, театар. Обична сабота, која Русија ја претвори во ден на болка и загуба. Има мртви, има и повредени“, истакна шефот на државата.
Тој, исто така, објави видео од урнатините околу големата станбена зграда во советски стил, со автомобили паркирани наоколу и делумно уништени, со скршени покриви и скршени прозорци.
Хуманитарниот координатор на ОН за Украина го осуди денешниот руски ракетен напад врз центарот на градот Чернихив.
-Грозоморно е да се напаѓа главниот плоштад на голем град, наутро, додека луѓето се шетаат, некои одат во црква за да го прослават верскиот ден за многу Украинци – рече Дениз Браун, хуманитарна координаторка на ОН за Украина.
Таа мислеше на православниот празник Преображение Господово во кое некои во Чернихив присуствуваа на црковните служби утрово.