Земјотресот со јачина од 7,8 степени и големиот последователен потрес со јачина од 7,5 степени што се случија на 6 февруари 2023 година во Турција се два од повеќе од 70 земјотреси со јачина од 6,5 или повеќе степени, регистрирани во регионот од 1900 година.
Тектонските плочи ја сочинуваат Земјината кора. Овие тектонски плочи се движат само по неколку сантиметри секоја година и може да се судрат, да се лизнат или да се спуштат една под друга додека се движат. Анадолската тектонска плоча на Турција е одвоена од евроазиската и арапската плоча со Северноанадолскиот и Источноанадолскиот расед. Овие две раседни зони го прават еден од сеизмички најактивните региони во светот.
Земјотресот од 6 февруари беше еден од најсилните земјотреси регистрирани во областа, што одговара на јачината на земјотресот во кој загинаа повеќе од 30.000 луѓе во декември 1939 година во североисточна Турција.
Најсмртоносниот земјотрес во Турција се случи во декември 115 година, кога околу 260.000 луѓе ги загубија животите во земјотресот со јачина од 7,5 степени. Оваа катастрофа го погоди античкиот град Антиохија (Антакија), еден од поголемите во Римското Царство. Четири века подоцна, во март 526 година, Антиохија повторно била опустошена од земјотрес со јачина од седум степени според Рихтеровата скала, во кој загинале 250.000 луѓе.