Фото: Твитер/ Norwegian Armed Forces

Најголемиот воен брод во светот, носачот на авиони USS Gerald R. Ford (УСС Гералд Р. Форд), пристигна денес во Осло, што соседна Русија го критикуваше како „нелогично и штетно“ демонстрирање на сила, пренесува „Фена“.

Бродот на нуклеарен погон долг 337 метри со носивост од повеќе од 100.000 тони вплови во фјордот Осло под придружба, каде што ќе остане неколку дена пред да се упати кон Арктикот, каде се одржуваат воени вежби, јавуваат норвешките медиуми.

Фото: Твитер/ Norwegian Armed Forces

– Посетата и присуството на носачот на авиони дава единствена можност да ја развиеме нашата блиска соработка со нашиот најважен сојузник Соединетите Американски Држави – се вели во соопштението на норвешката војска.

Руската амбасада силно ја критикуваше посетата со голема публицитет, која доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Западот и Русија поради војната во Украина.

– Нема прашања на северот кои бараат воено решение, ниту прашања за кои е потребна надворешна интервенција – изјави за „АФП“ преку мејл, портпаролот на руската амбасада Тимур Чеканов.

Фото: Твитер / Norwegian Armed Forces

– Со оглед на тоа што Осло признава дека Русија не претставува директна воена закана за Норвешка, таквите демонстрации на сила изгледаат нелогични и штетни –  додаде Чеканов.

Членката на НАТО, Норвешка, дели копнена граница со Русија на далечниот север, како и поморска граница во Баренцовото Море.

Воениот брод, „УСС Гералд Р. Форд“, кој може да носи до 90 авиони и хеликоптери, се очекува да остане закотвен во норвешката престолнина неколку дена.

Фото: Твитер / Norwegian Armed Forces

Околу бродот беше воведена голема забрана за воздушен и морски простор.

Според онлајн дневниот весник „Барент Обсервер“, се очекува бродот да се упати кон Арктикот за неколку дена, пред почетокот на вежбата „Арктик Челинџ“ на 29 мај, на која ќе учествуваат 150 авиони од 14 западни земји.