Соединетите Американски Држави

Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, кој важеше за најголем ривал на Доналд Трамп во Републиканската партија, објави дека се повлекува од трката за претседател на САД. Тој се откажа пред внатрепартиските избори во Њу Хемпшир и изјави дека му дава поддршка на Трамп. Во речиси петминутно видео, објавено на социјалната мрежа Х, Десантис објави дека ја завршува својата седуммесечна кампања.
– Не гледам јасен пат кон победата. Стана јасно дека мнозинството републикански гласачи сакаат да му дадат уште една шанса на Доналд Трамп. Иако имаме несогласувања со Трамп, тој е супериорен во однос на Џо Бајден и затоа ја давам сета моја поддршка за неговата републиканска номинација – изјави Десантис.
Од друга страна, Ники Хејли, последната конкурентка на Трамп, кажа дека само таа може да го победи поранешниот претседател. Тие ќе се соочат во Њу Хемпшир на вторите предизбори на кои републиканците го избираат својот кандидат за годинашните претседателски избори. Трамп убедливо победи на првите предизбори во Ајова, со освоени 51 отсто гласови.
– Сега има само двајца луѓе во трката. Тоа го сакавме цело време и ќе одиме докрај – изјави Хејли, која заврши на третото место во Ајова.
Два дена пред републиканските прелиминарни избори во американската сојузна држава Њу Хемпшир, Десантис застана зад поранешниот претседател Доналд Трамп. Десантис го објави видеото со цитат од поранешниот премиер на Велика Британија, Винстон Черчил: „Успехот не е конечен, неуспехот не е фатален: важна е храброста да се продолжи“.
Доналд Трамп изјави дека е „почестен од поддршката на гувернерот на Флорида“. Сега е време „сите републиканци да се соберат зад претседателот Трамп“ за да го поразат актуелниот претседател Џо Бајден на претседателските избори во ноември и да го прекинат неговото „катастрофално претседателствување“, соопшти изборниот тим на Трамп.