Планот за раст на Западен Балкан се заснова на четири столба, а првиот е – јакнење на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, под услов Западен Балкан да се усогласи со правилата на единствениот пазар и да отвори соодветни сектори и области за сите соседи во исто време, во согласност со заедничкиот регионален пазар

Во Скопје се реафирмираше Планот за раст на Западен Балкан предложен од Европската комисија (ЕК) од крајот на минатата година

Планот за раст на Западен Балкан ќе се овозможи намалување на трговските бариери и зголемување на конкурентноста на економиите на земјите од регионот и нивно побрзо вклучување на земјите од регионот во заедничкиот европски пазар пред формалното вклучување во Европската Унија. Ова се главните заложби што беа искажани од учесниците на вчерашниот состанок посветен на реализацијата на Планот за раст на Западен Балкан, кој се одржа во Скопје. Како што беше посочено од учесниците, Планот за раст нуди значителни придобивки и за постојните 27 земји-членки на ЕУ, преку повеќе царински олеснувања, подобра гранична инфраструктура, интегрирање на системот за регистрација на компаниите и сето она што може значително да го намали трошокот на трговијата. На состанокот, покрај домаќинот и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, присуствуваа и српскиот претседател Вучиќ, премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Милојко Спаиќ, на Косово, Албин Курти, и Срѓан Амиџиќ, актуелен министер за финансии и трезор во Советот на министри на Босна и Херцеговина. Покрај регионалните лидери, на состанокот учествува и генералниот директор за соседство и за проширување во европската комисија Герт Јан Копман и американскиот помошник-државен секретар Џејмс О’Брајaн, претставници на Советот за регионална соработка, ЦЕФТА и Инвестицискиот форум на коморите на Западен Балкан, УСАИД, како и со претставници на меѓународните финансиски институции.

Што содржи Планот за раст на Западен Балкан?

Европската комисија (ЕК) го презентираше Планот за раст на Западен Балкан на 8 ноември 2023 година заедно со извештаите за напредокот на земјите. Тој се однесува на периодот од 2024 до 2027 година, а содржи шест милијарди евра за шесте земји од Западен Балкан, две како неповратни средства, а четири милијарди како поволни заеми. Меѓу целите на планот е создавање единствен регионален пазар и пристап до пазарот на ЕУ, удвојување на економиите и намалување на социоекономскиот јаз помеѓу државите од регионот и членките на Унијата.
За да ги добијат парите предвидени со планот, земјите од регионот треба да исполнат одредени услови. Поконкретно, од регионот се бараат конкретни социоекономски реформи, но и фундаментални реформи, како владеење на правото, демократијата, почитувањето на основните човекови права и слободи. Тука се и макрофинансиската стабилност, здравото управување со јавните финансии, транспарентноста и надзорот на буџетите…

Столбови на економската интеграција

Планот за раст за Западен Балкан се заснова на четири столба.
1. Првиот е – јакнење на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, под услов Западен Балкан да се усогласи со правилата на единствениот пазар и да отвори соодветни сектори и области за сите соседи во исто време, во согласност со заедничкиот регионален пазар.
Предложени се седум приоритетни активности: слободно движење на стоки; слободно движење на услуги и работници; пристап до единствената европска платежна област (СЕПА); олеснување на патниот превоз; интеграција и декарбонизација на енергетските пазари; единствен дигитален пазар; интеграција во индустриските синџири на снабдување.
2. Вториот столб е јакнење на економската интеграција во рамките на Западен Балкан преку заеднички регионален пазар, заснован на правилата и стандардите на ЕУ, што потенцијално би можело да додаде 10 отсто на економиите во тие земји.
3. Третиот столб се однесува на забрзување на темелните реформи, поддржувајќи го патот на Западен Балкан кон членство во ЕУ, унапредувајќи одржлив економски раст преку привлекување странски инвестиции и јакнење на регионалната стабилност.
4. Четвртиот столб предвидува зголемување на финансиската помош за поддршка на реформи преку Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан за периодот 2024-2027 година, во вредност од шест милијарди евра, кои ќе бидат исплатени ако земјите од Западен Балкан спроведат одредени социоекономски и темелни реформи.

Македонија очекува една милијарда долари

За Србија и Косово, како што беше наведено кога се објави планот, има и посебен предуслов, конструктивно да учествуваат во дијалогот за нормализација на меѓусебните односи со цел да ги спроведат обврските од досега постигнатите договори и анекси. Амбициозниот план на ЕК предвидува првите исплати да се случат во првата половина од 2024-та, меѓутоа земјите треба да подготват реформски агенди што ќе бидат одобрени и од Брисел, а врз основа на нив ќе може и да се оцени напредокот. Македонија очекува да добие една од вкупно шест милијарди евра планирани за регионот. Но дали Западен Балкан ќе ги види овие пари во реалноста ќе зависи од тоа колку државите ќе ги завршат домашните задачи за реформи, но и колку ќе соработуваат со соседите за создавање заеднички регионален пазар. Половина од парите во рамките на планот е предвидено да се исплаќаат директно во националните буџети на државите за да се забрза растот на социоекономските реформи, додека другите ќе бидат за инфраструктури инвестиции и ќе се распоредуваат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, а ќе се однесуваат на проекти насочени кон транспортот, енергијата, дигитализацијата, образованието, развојот на вештини, климатски промени.

Интеграција по систем на заслуги

Планот за раст предлага пакет од седум приоритетни области за интеграција во единствениот пазар. Седумте приоритетни области за кои комисијата проценила дека ЕУ може да му понуди приближување на Западен Балкан до единствениот европски пазар се: слободно движење на стоки; слободно движење на услуги и работници; пристап до единствената зона за плаќање во евра; интегрирање на патниот сообраќај; интегрирање на енергетските пазари; единствен дигитален пазар; и интегрирање во индустриските синџири на снабдување.
Во документите што ги објави ЕК се констатира дека на Западен Балкан веќе се одвива обемна работа за создавање заеднички регионален пазар и тоа, се нагласува, ќе биде неопходен предуслов и за „поблиска интеграција со единствениот пазар на ЕУ“.
– Партнерите што не се целосно посветени на заедничкиот регионален пазар или го попречуваат спроведувањето на акцискиот план за заеднички регионален пазар не може да очекуваат дека ќе имаат корист од Планот за раст во однос на можностите што се нудат за интеграција во единствениот пазар (пазарот на ЕУ). Важно е дека ниту еден партнер од Западен Балкан нема да може да ги блокира другите петмина во пристапот до единствениот пазар на ЕУ – нагласуваат од ЕК.


Регионални иницијативи: Берлински процес и Отворен Балкан

Идејата за поголемо интегрирање со Европската Унија и поголема економска соработка меѓу земјите од Западен Балкан беше промовирана и преку иницијативите Берлински процес и Отворен Балкан.
Берлинскиот процес, кој е основан во 2014 година по иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, требаше да послужи како платформа за соработка на високо ниво меѓу официјални претставници на западнобалканска шесторка, која ја сочинуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија. Нејзиниот фокус е создавање заеднички регионален пазар, а низ тој процес беа вклучени и институциите на ЕУ, меѓународните финансиски организации и граѓанското општество во регионот. Последните посериозни активности преку Берлинскиот процес се однесуваа на олеснувањето на патувањата на граѓаните од Западен Балкан само со лични карти, за признавање на универзитетските дипломи и на професионалните квалификации на вработените.
Отворен Балкан е регионална иницијатива на Македонија, Србија и Албанија, која е посветена на обезбедување услови за практикување на четирите европски слободи за слободно движење на луѓето и капиталот и унапредување на трговската размена меѓу компании од Балканот. Минатата година беа потпишани договори за соработка во полето на заемно признавање дипломи и научни звања, како и меморандуми за соработка во областа на културата, туризмот, даночната администрација.

Подготвил: Митко Јовановски