Од почетокот на војната, повеќе од 600 илјади луѓе од северот на палестинската енклава избегале на југот. Зголемениот број раселени Палестинци предизвика загриженост кај меѓународната заедница поради големиот број загинати и повредени цивили

Израел: „Интензивната фаза“ на израелската копнена офанзива на северот на Газа се приведува кон крајот

По три месеци од почетокот на борбата против палестинската исламистичка организација Хамас, израелските сили објавија дека влегле во најопасната фаза на војувањето. Интензивни борби се одвиваат во Кан Јунис, најголемиот град на југот на Појасот Газа, кој е главно седиште на водачите на палестинската воена организација. Израелските сили продолжуваат и со гранатирање на бегалскиот логор во Јабалија на северот на опколената палестинска енклава. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека „интензивната фаза“ на израелската копнена офанзива на северот на Газа се приведува кон крајот. Клучната цел на израелската војска е преземање на контролата над големиот лавиринт на тунели под Кан Јунис. Според израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, „за да се постигне тоа, израелските војници мора да надминат неколку пречки“. Високите израелски воени раководители проценуваат дека мрежата на тунели во Газа е многу подолга отколку што се веруваше.
Во тој контекст, процената што ја објави „Њујорк тајмс“ покажува дека под Појасот Газа се протегаат меѓу 560 и 725 километри тунели. Претходните процени беа дека тунелите се долги околу 400 километри. Ова е премногу густа мрежа на подземни ходници, на површина од 362 квадратни километри.
Само под Кан Јунис има околу 160 километри тунели. Во овие темни подземни ходници се кријат работоводителите на терористичката организација Хамас и нивниот водач Јахја Синвар. Според високите воени претставници на Израел, има неколку причини зошто кревањето во воздух на отворот на тунелот не е опција. Прво, израелското водство предупредува дека се потребни повеќе години за да се уништат тунелите, затоа што подземните премини прво мора да се мапираат и да се провери дали во нив се држат и израелските заложници. Постојат информации дека во Газа се наоѓаат 132 заложника, кои биле земени при нападот на Хамас на Израел, на 7 октомври минатата година. За време на примирјето, кон крајот на декември лани, биле ослободени 105 цивили.

Хамас вложи милионски суми во изградбата на широката мрежа на тунели, употребувајќи 6.000 тони бетон и 1.800 тони челик, а за нивно уништување е потребна значително количество експлозив. Уништувањето на тунелите не е едноставно, бидејќи од почетокот на војната повеќе од 600 илјади луѓе од северот на палестинската енклава избегале на југот. Зголемениот број раселени Палестинци предизвика загриженост кај меѓународната заедница поради големиот број загинати и повредени цивили. Затоа, сѐ поголем е притисокот врз Израел да прекине со воените дејства. Повеќе од 24 илјади Палестинци загинаа во периодот на израелската инвазија на Газа, повеќето од нив се жени и деца. израелските служби ја потврдија веродостојноста на податоците што ги објавија палестинските власти, но со забелешка дека илјада загинати се припадници на милитантната организација Хамас.
– Сега, кога луѓето се собрани на југот на Израел, не може да го направи истото како и на северот на енклавата, без да има стотина илјади жртви, а тоа нема да добие поддршка од САД – изјави Хусеин Ибиш, соработник на Институтот на арапските заливски држави, аналитички центар во Вашингтон, во изјава за „Волстрит журнал“.
Една од опциите е да дојде до прекин на огинот за да се заштитат цивилите. Но Израел жестоко се противи, сметајќи дека тоа ќе му овозможи на Хамас да се прегрупира и да излезе од судирот уште посилен. Исто така, постои опасност за многу покрвава пресметка меѓу завојуваните страни на југот на енклавата, во однос на таа што беше на северот. Израел им даде ветување на САД дека против Хамас на југот на енклавата ќе се бори против добро лоцирани цели и ќе го намали интензитетот на воздушните напади. Наедно, несогласувањата во израелската влада може да ги нарушат плановите на израелската војска. Минатата недела, министерот за одбрана Галант предупреди дека недостигот од политички договор може да го попречи военото напредување. Тој ги повика премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот Бени Гантза да постигнат „единство и партнерство и компромис за да се постигнат воените цели“. Премиерот и министерот за одбрана веруваат дека само со воен притисок ќе дојде до ослободување на заложниците, додека министрите Бени Гантс и Гади Еисенкот се залагаат за фокусирање на напорите за ослободување на заложниците, дури и по цена на привремен прекин на војната. Израелската воена команда предупредува дека борбата на југот на енклавата може да потрае повеќе месеци.
Во борбите под земја, одбраната има предност, добро ги познава коридорите и може да им поставува замки на напаѓачите. Генералот на 98. дивизија на израелската војска, Дан Голдфус, признава дека не сакаат да влезат во борба „гради во гради“. Тој има задача да го заземе Кан Јонис, но неговите трупи го истражуваат лавиринтот на тунели, пронаоѓајќи начини да ги извлечат противниците на површината на земјата.
Борбата за Кан Јонис почна во декември, кога израелските сили ја презедоа контролата над главните пристапни патишта. Оттогаш, израелската дивизија постепено се пробиваше во источното предградие, а потоа и во центарот на градот.
– Овде лавиринтот е многу поширок од градот Газа. Интензитетот на нападот е фокусиран и контролиран. Не е ист како на северот – изјави Голдфус, кој појасни дека нивната мисија е ослободување на заложниците. Но досега Израел со воената операција успеа да ослободи само еден жив заложник во Газа.
Од четирите баталјони на Хамас во градот Кан Јонис се само два уништени или се значително ослабени. Баталјонот поставен на југот сѐ уште е активен, а четвртиот, кој е стациониран на западниот дел на градот, е длабоко помешан со населението. Во источниот дел на градот речиси нема цивили. Израелските единици користат дигитални карти, кои постојано се ажурираат и покажуваат каде има цивили.
– Кога ја планирам операцијата, прво ги земам предвид воените цели, а потоа и населението и средствата што можеме да ги вложиме во тој напад – објаснува Голдфус.