Се зголемуваат напорите за изнаоѓање дипломатско решение за украинскиот конфликт, за да се избегнат новите човечки жртви, разурнувањето, но и економските последици кои ги чувствува буквално целиот свет

Западните аналитичари се согласуваат дека „управувањето со оваа криза станува сè потешко и ризично“ и дека е јасно дека „ наскоро мора да се направи нешто“. Соочени дека на теренот сѐ повеќе владее неуправлив хаос, аналитичарите на „Геополитика“ сметаат дека „сега е дојдено времето за промена на целата украинска парадигма и болна транзиција од долгорочната фаза на пропаганда во реална политика“. Според нив, „се чини дека тоа почнуваат да го разбираат и во Вашингтон – се разбира, на свој начин“. А и Русите, исто така…

Во неизвесност и исчекување на почетокот на крајот од конфликтот во Украина

Како што објави „Волстрит журнал“ минатата недела (непосредно пред повлекувањето на Русија), советникот на Бајден за национална безбедност Џејк Саливан имал тајни разговори со високи руски функционери – неговиот колега Николај Патрушев, највисока личност за национална безбедност на Русија и еден од најголемите доверливи луѓе на Путин, и Јуриј Ушаков, советник на Путин за меѓународни прашања. Тема на разговорот, според „Волстрит журнал“, било избегнувањето на американско-рускиот конфликт и нуклеарната војна, а за решавање на украинскиот конфликт наводно „не се разговарало“. Сепак, факт е дека пред тој разговор советникот на Бајден за национална безбедност Џејк Саливан го посетил Киев. Повеќе од јасно е дека ваков габарит на политичар и функционер нема потреба да патува преку Атлантикот за некои прозаични, минорни цели и задачи. Сите индикатори укажуваат дека станува збор за многу поголема работа, можеби утврдување некаква платформа или концепт за разговори и почеток на мировни преговори…

Време е за дипломатско решение

На сите им е јасно дека условите на претседателот на Украина не може да бидат ефикасни основи и предуслови за почеток на преговорите со Москва. Според аналитичарите, клучниот играч и за војна и за мир, се разбира, се САД. Јасно е дека целта на Вашингтон не е ескалација и директно американско вмешување во исклучително ризичен воен конфликт со Русија. Јасно е исто така дека САД би сакале и да го симнат Путин од власта или, во најлош случај, „долготрајна војна и исцрпување на Русија, но со целосна контрола заради спречување ескалација“. Но и западните аналитичари се согласуваат дека управувањето со оваа криза станува сè потешко и ризично и дека е јасно дека наскоро мора да се направи нешто. Соочени дека на теренот сѐ повеќе владее неуправлив хаос, аналитичарите на „Геополитика“ сметаат дека „сега е дојдено времето за промена на целата украинска парадигма и болна транзиција од долгорочната фаза на пропаганда во реална политика“. Според нив, „се чини дека тоа почнуваат да го разбираат и во Вашингтон – се разбира, на свој начин“.
Но, според аналитичарите од „Геополитика“, Зеленски сѐ уште итро ја користи ситуацијата. Тој добро знае дека какви било преговори со Москва што би вклучиле нови загуби на украински територии би значеле и негов политички пораз. Но тој исто така знае дека Вашингтон не може да се откаже од Украина дури и ако Киев сам почне да ја заострува воената ситуација, бидејќи таму се „инвестирани“ премногу пари, време и углед. Но токму затоа аналитичарите тврдат дека „Вашингтон треба да го дисциплинира Зеленски“ .
А и европските политичари, на кои им е сè потешко да се справат со големата криза дома, би сакале дипломатски решение, а не вечен конфликт со Русија.

Руското повлекување веројатно има цел да ја подотвори вратата за преговори

Украина во моментов има големи проблеми, за кои, секако, не случајно, пишуваат деновиве клучните американски медиуми. Имено, повеќе од 50 отсто од буџетските трошоци на Украина зависат од западната финансиска помош. На месечно ниво, украинскиот буџетски дефицит изнесува огромни 1,5 милијарда долари, што е 18 милијарди долари годишно! Украинскиот електроенергетски систем е тешко загрозен поради руските ракетни напади врз клучната инфраструктура и се заканува целосно да згасне оваа зима. На пример, минатата недела „Њујорк тајмс“ објави вест за подготовка на евакуација на три милиони граѓани на Киев поради недостиг од струја, вода и парно во наредните месеци. Иако официјален Киев ја демантира оваа вест, не може да се скрие честиот недостиг од струја и гориво во главниот град, како и стравот кај граѓаните. Дотолку повеќе што главната украинска електрична мрежа предупредува дека повеќе нема да може да ја санира штетата поради недостигот од електрични кабли и друга опрема неопходна за ремонт.
Ете, токму во такви околности, има руско повлекување, кое мора да има некаква цел или порака. Според многу аналитичари, голема е веројатноста дека повлекувањето, всушност, има цел само да ја отвори вратата за преговори. Имено, токму така да биде протолкувано. И како некаков вид победа на Киев?! Затоа што не многу одамна американските високи владини и воени функционери отворено кажаа дека на Украина ѝ треба уште една голема воена победа (по онаа во регионот Харков), по што ќе ги зајакне своите преговарачки позиции и ќе може да седне на преговарачка маса со Русија. Истовремено, Вашингтон повторува дека тој не одлучува за тоа и дека нема да влегува во никакви преговори со Москва без Украина.

Преговорите неопходност

Дека преговорите станале неопходност, за првпат официјално изјави и висок американски функционер. Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот, на 7 ноември, на конференција за медиумите, рече дека не може да има победник во војната во Украина, дека не може да се реши на бојното поле и дека е неопходно да се започне процес на преговори. Уште на 10 ноември, генералот Марк Мили, началник на Здружениот штаб на американската армија, изјави дека знаците дека Киев е подготвен повторно да влезе во преговорите со Москва нудат „прозорец“ за преговори.
– Во последниве денови, Украина покажа подготвеност да одржи некакви разговори со Москва, откако претседателот Зеленски се откажа од барањето неговиот ривал Путин да мора да биде сменет од власт пред да продолжат преговорите – рече Мили за време на неговиот говор во Њујорк, додавајќи дека предуслов беше колку успешни преговори мора да бидат Русија и Украина за да воспостават „заемно признавање“ дека победата „не е остварлива со воени средства“.
Колку е збунувачка состојбата на американско-руските односи (и не само меѓу нив) можеби најдобро сведочи текстот на американски „Блумберг“ од 7 ноември, насловен „САД тивко бараат од банките да задржат некои врски со Русија“, во кој се вели дека американската влада, односно Стејт департментот во заднина ги повикува големите американски банки да не се откажуваат од соработката со одредени стратегиски руски компании. „…Владата бара банки како ЈП Морган и Ситигруп да продолжат да обезбедуваат услуги со одредени претставници на рускиот бизнис: парични трансакции, конверзија итн. Станува збор за ’Уралкалиј’, ’ФосАгро’ и ’Газпром’“. Целта е да се минимизираат негативните последици од американските санкции врз самите САД, а тоа се оправдува со фактот што САД не воведоа тотални санкции против Русија.
Во контекст на ова, уште една интересна вест е објавата дека Лондонската берза на метали одлучила да продолжи со тргувањето со руски метали, додека се прават интензивни подготовки за да се обезбеди непречен извоз на руски жита и вештачки ѓубрива во светот.


Директорите на разузнавачките служби предвесници на примирјето

Повеќе европски медиуми, повикувајќи се на руски извори, вчера објавија дека руски и американски претставници во понеделникот одржале ненајавени разговори во турската престолнина, во услови на високи тензии меѓу Москва и Вашингтон поради војната во Украина. Медиумите засега не пренесуваат за што се разговарало.
Турски функционер одби да ги коментира наводните разговори, додека одговорот на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, беше еднакво краток, но сепак кажува доволно.
– Оваа информација не можам ниту да ја потврдам ниту да ја демантирам – рече Песков, користејќи ја вообичаената формулација што сугерира дека, сепак, нешто се случува.
Податоците за следење на летот покажуваат дека рускиот владин авион слетал во Анкара од Москва околу 8.30 часот по Гринич.
Јорук Исик, геополитички аналитичар на институтот „Босфор обсервер“ од Истанбул, рече дека таков авион обично користат рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој сега е на самитот Г20 во Индонезија, и Сергеј Наришкин, шеф на разузнавачката служба СВР (задолжен за надворешни работи).
Турција често се обидуваше да посредува меѓу Москва и Западот од почетокот на руската инвазија на Украина и во јули помогна во преговорите за руско-украинскиот договор за извоз на жито од блокираните пристаништа на Црно Море. Веста за разговорите доаѓа во време кога Обединетите нации се обидуваат да обезбедат извозот на жито според договорот да продолжи на 19 ноември, а Вашингтон ја притиска Москва да ги ослободи американската кошаркарка Бритни Гринер и поранешниот маринец Пол Вилан од руските затвори, во можна размена на затвореници со Соединети Американски Држави.
Наедно, информациите за заткулисни разговори меѓу Русија и САД се совпаѓаат со оние за средбата меѓу советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џејк Саливан и Николај Патрушев, советник за национална безбедност на Кремљ…

Подготвил: Mарјан Велевски