Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека му помагал на американскиот милијардер Илон Маск на различни начини додека бил во Белата куќа и потврдил дека минатата недела се сретнал со него и со неколку богати републикански донатори додека барал пари за неговата кампања. Трамп рече дека не знае дали ќе добие помош од Маск.
– Видете, јас сум пријател со него низ годините. Му помагав кога бев претседател. Ми се допадна – изјави Трамп во интервју за „Си-ен-би-си“, без да прецизира на која помош се однесува.
Тој истакна дека неговото единствено несогласување со Маск е за електричните автомобили, истакнувајќи дека тој се противи на федералната регулатива наменета за зголемување на производството на електрични возила.
Американскиот ТВ-канал потсетува дека извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс екс“ со години добивал владина помош за своите компании, вклучувајќи регулаторни кредити за „Тесла“, даночни кредити за клиентите на „Тесла“ и договори за ракетни услуги за „Спејс екс“.
Трамп и неговите поддржувачи сакаат Маск да се обрати на републиканската конвенција во јули, објави „Си-ен-би-си“ минатата недела.
Маск не кажа кој кандидат би го поддржал за претседател. Минатата година тој изјави за „Си-ен-би-си“ дека гласал за претседателот Џо Бајден во 2020 година, иако му рекол и на биографот Волтер Ајзаксон дека воопшто не гласал на општите избори таа година.