Веста дека Едвард Сноуден (39) добил руско државјанство ги наведе американските медиуми да се запрашаат дали познатиот укажувач сега би можел да биде регрутиран во руската војска. Американскиот магазин „Њузвик“ го покрена ова прашање, барајќи одговор и од Сноуден кој моментно престојува во Русија.
Адвокатот на Сноуден, Анатолиј Кучерена во изјава за руската „РИА Новости“ истакна дека неговиот клиент нема да биде подложен на мобилизација поради претходната служба во руската армија, пренесе „Њузвик“. Згора, Сноуден, засега не се изјаснуваше за руско-украинскиот конфликт преку социјалните мрежи. Кучерена додаде дека сопругата на Сноуден, Линдзи Милс исто така ќе побара руско државајнство. Парот има ќерка која веќе поседува руско државјанство бидејќи е родена таму.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им кажа на новинарите дека Сноуден добил руско државјанство на сопствено барање, како што пренесоа руски медиуми.
Сноуден најде прибежиште во Русија откако разоткри американски владини тајни поврзани со домашните и меѓународни операции за надзор извршени од Агенцијата за национална безбедност на САД во која тој беше вработен. Тој доби тригодишна дозвола за престој во Русија во август 2014 година, а потоа му беше одобрен и азил во 2020 година, со што Русија стана негово трајно престојувалиште.
Сноуден откри детални доверливи разузнавачки податоци за програмата за домашен надзор во САД. Документите покажаа дека САД ги прислушувале своите граѓани преку интернет, собирале телефонски записи и електронска пошта, вклучувајќи записи од светски лидери, и ги следеле преку мобилните телефони.
Амерканските власти со години бараа Сноуден да биде вратен во САД со цел да се соочи со судење за обвиненијата за шпионажа. За време на мандатот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп се јавија гласини оти Сноуден ќе добие помилување, но не дојде до тоа.