Руските трупи треба да очекуваат изненадувања, ако долгонајавуваната украинска контраофанзива отпочне, пишува „Њузвик“ пренесувајќи го размислувањето на рускиот аналитичар Михаил Ходоренок.
Тој при појавување на руската национална телевизија кажал оти нема сомнеж дека украинската офанзива ќе се случи, поради воената поддршка што Западот му ја пружи на Киев во изминатите месеци, а која е потребно да „се оправда“.
– Може да има технолошки иновации со кои уште не сме запознаени. За жал, ќе има изненадувања – смета Ходоренок.
Се очекува украинските сили да ја почнат офанзивата во наредните месеци откако ги одбија руските обиди за заземање на Бахмут, со бројни жртви на двете страни, пишува американскиот магазин. Се очекува калливиот терен наскоро да стане прооден, што би ги олеснило воените операции.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека неговата војска подготвува противудар за време на интервју за скандинавските медиуми дадено изминатиот викенд.
Британското разузнавање вчера извести дека Русија ја утврдува северната граница на Крим, вклучувајќи воспоставување на повеќеслојна одбранбена зона во близина на селото Медведевка.
– Русија ископа стотици милји на ровови, вклучувајќи ги регионите на Белгород и Курск – се вели во британското известување.
Генералштабот на вооружените сили на Украина денеска соопшти дека најжестоките борби со руските војници се уште се водат кај Бахмут и Маринка, на истокот на Украина. Се наведува дека руските сили се обидуваат да нападнат на правецот Бахмут, а борбите продолжуваат во градот, пренесува Униан.