Фото: Макрон / Инстаграм

Францускиот претседател Емануел Маркон денеска изјави дека неговата земја ќе работи на нова нацрт-резолуција за прекин на огнот во Газа, откако Русија и Кина ставија вето на американската во Советот за безбедност на Обединетите нации.

-По ветото на Русија и Кина пред неколку минути, ќе продолжиме да работиме во Советот за безбедност на ОН врз основа на француската нацрт-резолуција и ќе работиме со нашите американски, европски и арапски партнери за да постигнеме договор – рече Макрон.

Министерството за надворешни работи на Франција вчера соопшти дека започнало со изработка на нацртите со дипломатите, во случај американската нацрт-резолуциција да не помине.

За американската нацрт-резолуција гласаа 11 членки на Советот за безбедност, а против беа Русија, Кина и Алжир, а Гвајана беше воздржана. Во американската нацрт-резолуција се наведува дека „императив е итен и траен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас во Газа“, без директна врска со ослободувањето на заложниците кои Хамас ги зеде за време на нападот врз Израел на 7 октомври.