Шибуја пешачкиот премин/ Фото: Иван Блажев

Токио е приказна за себе, посебен, на прв поглед можеби препознатлив, но всушност многу далечен, различен и специфичен. Во декември 2023 година имав можност да патувам за Токио, каде што поминав две недели заради учество на мастерклас за рачна изработка на уметнички фото-книги.

Токио го доживеав како константен парадокс. Како може некаде каде што е таква голема гужва да биде толку тивко? Како може некаде толку модерно и „футуристички“ да се чувствува толку традиционално? Градот е пулсирачки метрополис на контрасти, каде што традицијата е хармонизирана со модерното. Место каде што старите традиции коегзистираат со врвната технологија, каде што минатото секојдневно се судира со иднината.

Првиот ден низ токиските улици предизвикува силно сетилно преоптоварување. Но, среде овој виор на стимули, постои чувство за ред и дисциплина што продира во секој аспект од животот во Токио. Од прецизно организираниот систем на метрото до беспрекорната учтивост на неговите граѓани, постои непоколеблива посветеност на хармонијата и ефикасноста што го дефинира градот.

Водам визуелен дневник, собирам импресии и ги филтрирам искуствата, користејќи го новиот модел на фотоапарат Nikon ZF, кој со својот спој на ретро естетика и модерна технологија делува совршено соодветен за овој живописен град.

Легендарниот пешачки премин Шибуја во шпицот на сообраќајниот метеж е симбол за хаосот и динамичноста на раздвиженото Токио. Движењето низ тесните улички на рибниот пазар Цукиџи исполнува со глетки, звуци и мириси на тезгите со улична храна. Неонските светла на Шинџуку ме потсетуваат на првата сцена од филмот „Изгубен во преводот“  во која Бил Мареј ненаспан, туку што пристигнат во Токио, низ прозорецот на таксито ги гледа истите тие светла вчудовиден од глетката. И одеднаш, тишина. Светилиштето Незу, шинто светилиште познато по низата мали црвени тори порти.

Тивко е. Две семејства, неколку луѓе, кои риби во езерцето…, и звук на молитва: паричка фрлена во дрвена кутија, ѕвоно, двоен плесок со дланките… Хипнотизирачки и спокоен амбиент.

Најмногу време поминувам во Сумида, каде што сум сместен и каде се одвива мастеркласот. Сумида е историско маало во источно Токио низ чии улици се слуша ехо од минатото. Познатиот укијо-е уметник Кацушика Хокусаи бил роден и живеел поголем дел од својот живот во Сумида. Во Сумида е лоцирана и Tokyo Skytree, највисоката во свет телекомуникациска кула и трета во свет по висина градба. Изградена пред 12 години таа е новиот симбол на Токио.

Си заминувам од Токио и ги прегледувам белешките како потсетување за можеби некоја идна средба или само пријателски совет за други патници: помини некое време подалеку од прометните централни области за да се искуси Токио со побавно темпо; избегнувај го шпицот на сообраќајниот метеж; повеќе кеш, картиците за плаќање може и да се заборават дома; стоењето во редот е светост; почитувај ги непишаните правила на однесување; застани од левата страна на ескалаторот; нема пушење во јавност…

А со себе носам колекција на фотографии кои служат како доказ за способностите на Nikon ZF (компактниот дизајн, стабилизаторот на слика, интуитивни контроли, да набројам само неколку) и трајната привлечност на овој динамичен и на специфичен начин хуман град.

Текст и фотографии:  Иван Блажев