Фото: Принт-скрин

Македонскиот ПЕН-центар со длабока индигнација и згрозеност го осудува бруталниот напад врз светски познатиот автор Салман Ружди, кој целото свое дело и живот ги посвети во одбрана на слободата на изразување и на човечкото достоинство.

– По објавувањето на своето најпознато дело „Сатански стихови“ (1988), иранскиот верски водач, ајатолахот Хомеини во 1989 година му изрече фатва, па така Салман Ружди повеќе од половината од животот го помина под постојана смртна закана. Но и покрај тоа Салман Ружди непоколебливо продолжи со својата мисија по светот ширејќи го гласот против верскиот фундаментализам, фанатизам и догматизам од секаков вид, укажувајќи притоа на длабоките културолошки и традиционални недоразбирања помеѓу Истокот и Западот. Неговото дело и неговиот постојан активизам не запираат само на критика и смокритика, туку истовремено градат цврсти мостови на толеранција и разбирање меѓу различните народи, култури и религии во светот. Затоа безумниот и бездушниот напад врз него го сфаќаме како напад врз слободата на мислењето и изразувањето и, согласно начелата изнесени во Повелбата на Меѓународниот ПЕН, најостро го осудуваме и му пожелуваме на Салман Ружди брзо закрепнување од тешките повреди и продолжување на неговата благородна, космополитска мисија – се вели во соопштението на македонскиот ПЕН-центар.

Британскиот писател Салман Ружди, кој беше избоден неколку пати во вратот и стомакот од напаѓач на сцената за време на предавање во американската сојузна држава Њујорк, закрепнува по операцијата.

Водителот кој беше со Ружди на сцената, Хенри Рис, се здобил со полесна повреда на главата и е пренесен во локалната болница. Напаѓачот бил совладан од присутните, по што го привела полицијата.

Њујоршката полиција соопшти дека го привела Хади Матар, напаѓачот на познатиот писател, кој беше нападнат во петокот додека се подготвувал да одржи предавање во западниот дел на Њујорк.

Матар, 24-годишен маж од Фервју, Њу Џерси, купил билет за да присуствува на настанот, соопшти полицијата. Новинар на АП видел човек како упаднал на сцената во Институтот Чаутаука и почнал да го удира и прободува Ружди додека го претставувале на почетокот на предавањето.

Матар по потекло е од Либан. Неговото семејство дошло во САД од јужниот либански град Јарун, соопшти градоначалникот на градот, Али Техфе. Самиот Матар е роден и израснат во САД.