Вашингтон – Повеќе плажи во американската сојузна држава Флорида ќе бидат повторно затворени за да не се собираат голем број луѓе и да се спречи натамошно ширење на коронавирусот. Забраната е за време на одбележувањето на американскиот национален празник Денот на независноста, на 4 јули, јави Си-ен-ен. Гувернерот на оваа сојузна држава, Рон де Сантис, рече дека собирите на млади доведуваат до зголемување на бројот на пациенти.

Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон вчера ја посети Германија, каде што оствари разговори со канцеларката Ангела Меркел, првпат од почетокот на појавата на коронавирусот. Како што пренесуваат западните медиуми, посетата на Макрон на Берлин доаѓа во пресрет на преземањето на Париз на ротирачкото претседателство на Европската Унија од Германија.

Исламабад – Најмалку десет лица загинаа, меѓу кои и четворица терористи, во напад на берзата во Пакистан во пристанишниот град Карачи, соопштија официјални владини претставници. Во терористичкиот напад се повредени седум лица, меѓу кои и тројца полицајци, објави ДПА. Четворица припадници на обезбедувањето, еден полицаец и еден цивил се меѓу загинатите, информира за медиумите шефот на регионалната полиција Шариел Харал.

Лондон – Велика Британија планира рекордна продажба на државни должнички хартии во вредност од 275 милијарди фунти за периодот април – август, за да го финансира својот одговор на пандемијата на коронавирусот, што е повеќе од двојно поголемо задолжување од целата претходна фискална година, јави Би-би-си. Британската влада ја зголеми емисијата на обврзници заради финансирање на наглиот скок на кредитирање, предизвикан од падот на економската активност поради коронавирусот.