Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел сака да ги задржи ограничувањата за спречување на ширењето на коронавирусот барем до 1 март, изјавија за Ројтерс учесниците на состанокот на нејзината конзервативна парламентарна група. Меркел и лидерите на 16-те германски држави деновиве треба да разговараат дали може да се преземат чекори за олеснување на рестриктивните мерки, кои се во сила од ноември и беа засилени на средината на декември.

Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон официјално ја прифатил поканата за учество на самитот „Процес Брдо-Бриони“, кој оваа пролет ќе го организираат словенечките и хрватските претседатели во Словенија, соопшти Кабинетот на словенечкиот претседател. Според Кабинетот, Макрон покажал голем интерес за таа иницијатива за Западен Балкан, како и дека очекува „отворен и корисен дијалог“ и создавање порака поврзана со процесот на проширување на ЕУ.

Техеран – Иранскиот министер за разузнавање, Махмуд Алави, го предупреди Западот дека неговата земја може да изврши притисок за нуклеарно оружје доколку останат во функција „осакатувачките меѓународни санкции кон Техеран“, објави државната иранска телевизија.
Вашингтон – Повеќето американски сенатори се изјаснија дека судењето за отповикување на поранешниот претседател Доналд Трамп е уставно, и покрај повиците на републиканците да се отфрли случајот, пренесува „Си-ен-ен“. Постапката се очекува да продолжи утре напладне, додека Трамп изјави дека не е задоволен од излагањето на неговиот адвокат Брус Кастор. Според Трамп, неговиот адвокат лошо го почнал воведниот збор и притоа не успеал да покаже дека не е уставно да му се суди на претседател што повеќе не е на таа позиција.