Кандидатката за претседател на Франција Марин Ле Пен изјави дека во случај да победи на претстојните избори ќе донесе одлука Франција да го напушти НАТО.

– Мораме слободно да ги застапуваме сопствените интереси, да излеземе од логиката на воените блокови. Затоа ќе се повлечеме од НАТО за да не бидеме повеќе вовлечени во туѓи конфликти- рече таа во обраќањето до нејзините поддржувачи.

Ле Пен вели и дека во случај на победа на изборите ќе предложи постојната Европска унија да се замени со Европска алијанса на народите.

– Во свет кој постојано планира нови студени војни, Франција треба да биде поставена така што сите ќе го слушнат нејзиниот силен и независен глас, меѓу другото, преку нејзиното дипломатско седиште во Советот за безбедност. Ќе ја реформираме ЕУ, ќе ја замениме со Европска алијанса на народите – додаде таа.

На собирот беа прикажани и видеа од говори на политичари од други земји, меѓу кои Австрија, Холандија, Италија и Португалија, кои ја поддржуваат кандидатурата на Ле Пен.

Медиумите потсетуваат дека нејзината кандидатура ја поддржа и унгарскиот премиер Виктор Орбан, пренесува МИА.