NOVATEK gas terminal
Фото: ЕПА

Кремљ ја обвини Украина за вчерашниот напад на гасниот терминал во пристаништето Уст-Луги, недалеку од Санкт Петербург, на рускиот брег на Балтичкото Море, на околу 900 километри од украинската граница.

– Режимот во Киев продолжува да го покажува своето ѕверско лице гаѓајќи ја цивилната инфраструктура – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на новинарите на прашањето за големиот пожар што избувна вчера на гасниот терминал со кој управува „Новатек“ – пренесе „Хина“ повикувајќи се на „АФП“.

Како што руската војна против Украина навлегува во третата година, украинската војска се повеќе гаѓа цели длабоко на руска територија. Од друга страна, повеќе од 10.000 цивили се убиени во руските напади врз украинските градови од февруари 2022 година, при што приближно половина од смртните случаи се случиле далеку зад линијата на фронтот, објави Канцеларијата за човекови права на ОН.

– Десет илјади цивилни жртви се тажна бројка за Украина – изјави на крајот на минатата година шефицата на набљудувачката мисија на ОН во таа европска земја, Даниел Бел. Според неа, вистинскиот број на убиени цивили е „значително поголем“.

„Новатек“ објави дека пожарот го предизвикал „надворешен фактор“, без да навлегува во детали.

– Руското Министерство за одбрана и системите за противвоздушна одбрана прават се што е потребно за да спречат вакви терористички напади – рече Песков.

Тој, исто така, ја обвини Украина за гранатирање на Доњецк, град во источна Украина под руска контрола, при што во неделата загинаа 27 луѓе. Според локалните заедници, погоден бил пазар полн со луѓе.