Подготвил: Mарјан Велевски
Хавана – Куба ги легализира истополовите бракови, откако граѓаните гласаа за семејниот законик, со што се зголемува заштитата на малцинствата на островот, објави Националниот изборен совет на земјата. Од оние со право на глас, 74,1 отсто излегле да гласаат на вчерашниот национален референдум. Со 94 отсто од преброените гласови, 3.936.790 гласале во корист, а 1.950.090 против. Новиот семеен кодекс ја зголемува заштитата на жените, децата и на постарите лица и им дозволува на ЛГБТК+ двојките да се венчаат и да посвојуваат деца. Иако хомосексуалноста е легализирана во Куба од 1979 година, голем број припадници на ЛГБТК+ заедницата рекоа дека сè уште се соочуваат со отворена дискриминација.
Москва – Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој му нуди државјанство на Едвард Сноуден, свиркачот познат по објавувањето строго доверливи информации од американската Агенција за национална безбедност во 2013 година, кога бил вработен таму. Властите со години бараа тој да се врати во Соединетите Американски Држави за да се соочи со судење за обвиненијата за шпионажа. Со ваквата одлука на Русија, Сноуден е еден од 75-те странски државјани на кои земјата ќе им понуди државјанство. Сноуден заглави во Москва откако му беше одземена патната исправа по барање на Вашингтон, во обид да отпатува за Хонгконг, со намера да се засолни во Латинска Америка.
Техеран – Најмалку 57 луѓе се убиени во антивладините протести во Иран, предизвикани од смртта на 22-годишна жена, која почина откако беше приведена во полиција поради наводно неправилно носење хиџаб, соопшти организација за заштита на човекови права. Иранската организација за човекови права на 25 септември соопшти дека поради блокирањето на интернетот од страна на Владата во Иран, тешко е да се потврди значителен број на извештаи добиени за смртта на демонстрантите. Официјалниот број на загинати изнесува 41. Антивладините протести ја потресуваат земјата веќе десет ноќи едноподруго по смртта на Махса Амини.