Фото: Твитер/Официјален профил на рускиот претседател

Kомандата да раководи со разузнавачките операции на терен ѝ е доделена на руската шпионска служба ГРУ, откако рускиот претседател Владимир Путин наводно ја деградирал ФСБ поради неуспесите во првата фаза од офанзивата во Украина, објавува лондонскиот весник „Телеграф“.

Назначувањето на воената шпионска единица ГРУ треба да ги подобри перформансите на руската војска во Украина, ја пренесува весникот изјавата на Андреј Солдатов, академик и експерт за руската разузнавачка мрежа.

Солдатов цени дека ефикасноста на руските трупи на терен ќе биде засилена, со подобра комуникација меѓу трупите, координираност и подобрена логистика.

Новиот човек на Путин задолжен за собирање разузнавачки информации во Украина е генерал полковник Владимир Алексеев. Обединетото Кралство и Европската Унија го обвинуваат Алексеј дека раководел со нападот со хемиско оружје во Солсбери 2018 година.

– Тој е искусен специјален агент, исто така санкциониран од САД заради директна вмешаност во кибер-нападите за време на изборите во САД во 2016 година. Тој водеше воена операција во Сирија и беше вклучен во конфликтот во Донбас. Колегите офицери го сметаат за брутален и самоуверен до степен на немилосрдност – вели Солдатов.

Генералот Алексеев беше унапреден во прв заменик-шеф на ГРУ во 2012 година.

Цел на хемискиот напад во Солсбери од 2018 година за кој е обвинета руската разузнавачка служба ГРУ беше двојниот агент Сергеј Скрипал и неговото семејство.


Американски разузнавачи тврдат дека Путин се подготвува за долга војна во Украина

Владимир Путин се подготвува за долга војна во Украина, при што дури и евентуална победа на исток нема да стави крај на конфликтот, предупредија американски разузнавачи.

Предупредувањето доаѓа додека продолжуваат жестоките борби на истокот, каде Русија се обидува да заземе територија, потсетува „Би-би-си“.

Москва повторно ги фокусираше своите трупи на заземање на регионот Донбас откако Украина се спротивстави на обидите да го заземе нејзиниот главен град Киев.

Но, и покрај тоа, руските сили остануваат во ќор-сокак, соопштија американските разузнавачи.

Аврил Хејнс, директорка на националното разузнавање, во излагање пред Комитет на американскиот Сенат изјави дека Путин сè уште има намера „да постигне цели надвор од Донбас“, но оти „се соочува со неусогласеност меѓу неговите амбиции и сегашните конвенционални воени способности на Русија“.

Таа додаде дека рускиот претседател „веројатно“ смета на тоа оти поддршката на САД и ЕУ за Украина ќе ослабне, бидејќи инфлацијата, недостигот на храна и цените на енергијата се влошуваат.

Директорот на Одбранбената разузнавачка агенција Скот Бериер на истото сослушување изјави дека Русите и Украинците се во „своевиден во ќор-сокак“.

Во последните борби, Украина тврди дека повторно освоила четири населени места во североисточниот регион Харков.

Черкаси Тишки, Руски Тишки, Рубижне и Бајрак се одземени од Русија, соопштија вооружените сили на Украина.