Колку команданти на Азов вреди рускиот политичар Медведчук

Во јавноста излегоа детали за најголемата руско-украинска размена на воени заробеници

Размената на украинскиот опозициски политичар Виктор Медведчук за пет команданти на баталјони во Азов се случила во септември 2022 година, а турските и руските медиуми сега, по извесен период, објавуваат повеќе детали од тој интересен настан.
Тоа предизвика големо медиумско внимание, бидејќи беше прва поголема размена на воени затвореници од почетокот на украинскиот конфликт, а прв го обелодени турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој на 22 септември им објави на новинарите дека имало размена на повеќе од 200 затвореници меѓу Русија и Украина.
– Еден од нив е испратен во Русија по барање од претседателот Владимир Путин, изјави тогаш Ердоган – без да го каже неговото име.
Во врска со настанот, тогаш се огласи и првиот човек на Донецката Народна Република, Денис Пушилин, кој, пак, рече дека како дел од размената, Киев го ослободил и Медведчук.
– Вкупно 215 лица, вклучувајќи и претставници на украинските националистички баталјони, се вратени во Киев – рече тој.
Како што пренесува „Хуриет“, разговорите за размена се одржале во седиштето на Турската национална разузнавачка организација во Анкара.
– Меѓусебниот договор траеше одредено време. Кога дошол денот на размената, руската страна поставила услов командантите на баталјонот Азов да останат во Турција, Украина го прифатила – цитира турскиот весник свои извори.
На денот на размената, според весникот, авионите од Русија и Украина пристигнале еден по друг на аеродромот „Есенбога“ во Анкара.
Медведчук беше донесен со украински, додека командантите на Азов беа донесени во турската престолнина со руски авион.
– По слетувањето на авионот, украинските претставници влегоа во рускиот авион во присуство на турски разузнавачи, а Русите во украинскиот. Размената беше извршена без проблеми. Оттогаш командантите на Азов се во Турција како нејзини гости – ги цитира турскиот весник своите извори.
Официјалниот претставник на турскиот претседател Ибрахим Калин претходно извести дека размената на затвореници се случила по преговори што траеле повеќе од три месеци, а Ердоган за ова прашање разговарал со претседателите на Руската Федерација и на Украина. Калин истакна дека командантите на Азов што се во Турција се на безбедно место.


Кој е Виктор Медведчук?

Виктор Медведчук е проруски опозициски политичар со репутација дека е човек број еден на Владимир Путин во Украина. Роден е во 1954 година во Сибир, каде што неговите родители биле протерани откако неговиот татко бил осуден за соработка со нацистите за време на окупацијата на Украина. Медведчук студира право во Киев и станува адвокат. Тој е лидер на Опозициската платформа за живот, најголемата опозициска партија во Украина. Во март, партијата беше една од неколкуте суспендирани од Зеленски поради нејзините врски со Русија.
На врвот на својата кариера, Медведчук во периодот помеѓу 2002 и 2005 година беше шеф на претседателскиот кабинет на тогашниот претседател Леонид Кучма. Тој важеше за сива еминенција. По победата во прозападната Портокалова револуција во 2004 година, тој се повлече од јавната политика и работеше како бизнисмен, со удел во енергетиката, медиумите и металната индустрија. Украинското издание на „Форбс“ во 2021 година го процени неговото богатство на 620 милиони долари.
Тој со месеци беше во домашен притвор во Киев, а побегна веднаш по руската инвазија на Украина. Според извештаите од Киев, Медведчук бил фатен на граница од страна на украинската тајна служба СБУ додека се обидувал да ја напушти земјата.
Медиумите многу пишуваа во врска со неговиот посебен однос со Владимир Путин. Се шпекулираше за заедничко минато во КГБ, но факт е единствено дека рускиот претседател е кум на ќерката на Медведчук.