Фото: принтскрин

Меѓународната заедница го одби барањето на Белград српските сили да се вратат на Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера ѝ се обрати на јавноста во телевизиско интервју, откако го доби одговорот од КФОР за одбивање на барањето на Белград српските сили да се вратат на Косово.
– Во нивното внимателно составено писмо упатено до Владата на Србија, кое го добив и јас, тие одговорија дека сметаат оти нема потреба од враќање на српската армија на територијата на Косово, а се повикуваат на резолуцијата 1244. Но тие не се повикаа на дел од резолуцијата, бидејќи немаат право да го одбијат тоа барање, туку се повикаа на нормативната норма за зачувување на редот и поредокот. Со тоа направија уште една грешка – рече тој.
Вучиќ додава дека напишале и дека „внимателно набљудуваат што се случува на север“, иако само два часа претходно на Косово било пукано врз момчиња од српска националност од страна на албански полицаец.
– Се пукаше на југот, значи не е нивна работа да се грижат за барикадите на север. Нивното раководство се грижи само за политичките решенија, за нивните решенија за иднината, а не за вистинската безбедност. Тие се само политички орудија во рацете на најмоќните западни сили и ќе видиме каков ќе биде нашиот одговор. Ќе почекаме и ќе посочиме како и на кои места не го заштитиле српското население – рече српскиот претседател.

Српскиот предлог неприфатлив за Западот

Дејвид Филипс, директор на Институтот за градење мир и студии за човекови права на универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, изјави дека барањето на Србија за враќање на безбедносните сили на Косово е „политичка фантазија“.
– Очекувам тоа барање да биде игнорирано или одбиено, позициите на Белград немаат никакво влијание врз операциите на КФОР – рече Филипс од универзитетот „Колумбија“ во средината на декември.
Бојан Елек од Белградскиот центар за безбедносна политика (БКБП) вели дека резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од јуни 1999 година остава можност одреден број припадници на српската војска и полиција да се вратат на Косово, но дека „нема обврска за спроведување такво нешто“.
Тој додава дека се прецизно пропишани условите под кои е можно тоа и кон кои цели.
– Србија не може еднострано да распоредува сили, ниту може да биде за редовна полициска работа, односно со цел зачувување на редот и мирот – објаснува Елек за Би-би-си.
Во таа насока беше и изјавата на специјалниот американски пратеник за Балканот, Габриел Ескобар, за Радио Слободна Европа, пред неговото пристигнување во Белград. Тогаш тој изјави дека Америка силно се спротивстава на идејата на Белград за КФОР.
– Категорично ја отфрламе и воопшто не ја поддржуваме – изјави Ескобар.

Албанија со свој став: Осуда на инцидентите и барање за владеење на правото на Косово

Инцидентите наидоа на осуда од официјална Тирана, од каде што беше испратена силна порака со барање за воспоставување владеење на правото на Косово. Албанската министерка за Европа и надворешни работи Олта Џачка изјави дека „со големо внимание и загриженост ги следи сите настани на Косово и се во близок контакт со нивните партнери“.
– Ние сме уште порешителни да го поддржиме Косово. Албанија цврсто го поддржува владеењето на правото во северниот дел на Косово. Исто така, го осудуваме нападот што вчера се случи таму врз двајца државјани на Косово од српска етничка припадност и го поздравуваме она што го направи косовската полиција со брзо дејствување во обид да го расветли овој сериозен настан, но и во обид да гарантира безбедност за сите граѓани на Косово, вклучувајќи ги и оние со српска етничка припадност – посочи Џачка.

Американска делегација доаѓа на Балканот да ги смири тензиите

Во ситуација во која тензиите се високо кренати, од Вашингтон доаѓа веста дека висок функционер на Стејт департментот ја предводи делегацијата на САД што ќе го посети Западен Балкан во наредните денови по неколкунеделните етнички тензии во регионот. Советникот на Стејт департментот на САД, Дерек Шоле, и делегацијата ќе патуваат во Србија, Косово и Македонија. Шоле во четвртокот за Глас на Америка изјави дека неговата посета неделава доаѓа во клучен момент. Шоле рече дека сака да се фокусира на разговорите за иднината на Косово и Србија, како и за предлогот за нормализација на ЕУ, но тој, исто така, нагласи дека САД продолжуваат да му даваат приоритет на Договорот од Брисел од 2013 година, кој предвидува формирање асоцијација на српски општини. Имено, заедницата на српски општини е планирана асоцијација на општини со мнозинско српско население во Косово што треба да има увид и преглед на областите како што се: економскиот развој, образование, здравство, урбано и рурално планирање.
Косовските власти се противат на нејзиното создавање, наведувајќи дека е неуставно.


Што е КФОР и која е неговата улога на Косово

Резолуцијата на која се повикува Белград (1244), всушност, претставува „правна рамка за регулирање на ситуацијата во Косово по завршувањето на оружените конфликти меѓу силите на тогашната Сојузна Република Југославија (СРЈ) и Ослободителната војска на Косово (ОВК)“.
А токму КФОР се меѓународните мировни сили (под раководство на НАТО), кои, во согласност со резолуцијата 1244, имаат улога на одржување на безбедноста, спречување на обновувањето на оружените конфликти и, во ситуации кога е неопходно, да обезбедат почитување на прекинот на огнот.
За потсетување, до ваквата ситуација, за повикување на резолуцијата 1244, дојде по неколкумесечна тензија меѓу Белград и Приштина, кога Србија на 16 декември официјално побара од КФОР, меѓународните мировни сили на Косово, да дозволи враќање на одреден број српски безбедносни сили на северот на Косово. Властите во Белград велат дека барањето за враќање неколку стотици до илјада припадници на српските сили е во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, клучниот документ со кој им се стави крај на конфликтите на Косово во 1999 година.