По изборната победа на Трамп, луѓето го нападнаа Џорџ Клуни, кој јавно се залагаше Џо Бајден да се откаже од претседателската трка. Имено, во јули оваа година, Клуни објави коментар во „Њујорк Тајмс“ во кој се нафрли на Бајден и рече дека ќе мора да се откаже од трката за нов мандат бидејќи „тој повеќе не е истата личност“.
Корисниците на социјалните мрежи сега го повикуваат и тврдат дека „Трамп треба да му се заблагодари нему и на луѓето како него“, пренесува индекс.хр.
Клуни беше домаќин на приемот за собирање средства во Лос Анџелес во јуни, две недели пред лошиот настап на 81-годишниот Бајден во дебатата со Доналд Трамп.
„Страшно е да се каже, но Џо Бајден со кој бев пред три недели на собирање средства не е истиот Џо „Фака“ Бајден од 2010 година. Тој не беше ни Џо Бајден од 2020 година. Тој беше истиот човек што го видовме на дебатата“, напиша Клуни во „Њујорк Тајмс“.
„Дали беше уморен? Да. Дали беше настинат? Можеби. Но нашите партиски лидери треба да престанат да ни кажуваат дека 51 милион луѓе не го виделе тоа што го виделе“, додаде Клуни.
Последователно интервју со Џорџ Стефанопулос од Еј-Би-Си „само го потврди она што го видовме една недела порано“, рече Клуни.
Актерот, кој се опиша себеси како непоколеблив демократ, напиша: „Нема да победиме во ноември со овој претседател. Исто така, нема да го освоиме Домот и ќе го изгубиме Сенатот. Ова не е само мое мислење, ова е мислењето на секој сенатор и претставник во Конгресот и гувернер со кои сум разговарал приватно, без разлика што тој или таа јавно тврди“.