Фото: Принт-скрин

Украинскиот главен град Киев во раните утрински часови беше потресен од ракетни напади, кои украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги оцени како „ужасни“.

Најмалку уште три експлозии одекнаа во мугрите во Киев. Се чинеше дека доаѓаа од југозападниот дел на градот, јавува Си-eн-eн. Според Си-ен-ен, нивните новинари кои се во Киев утринава слушнале две големи експлозии во центарот на градот.

Украинската армија соопшти дека има борби со руските сили во непосредна близина на главниот град Киев.

– Украинските вооружени сили се борат во областите на населбите Димер и Инванкив“, соопшти украинската армија преку Фејсбук.

Димер е околу 45 километри северно од Киев, додека Иванкив е околу 60 километри северозападно од главниот град на Украина.

Руските сили притискаат, преземајќи ја нуклеарната централа Чернобил додека битките стигнаа и до предградијата на Киев, откако руски падобранци го заземаа аеродромот „Гостомел“ во северозападната периферија на главниот град на Украина.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека неговата земја е оставена сама да се бори со Русија, истакнувајќи дека во првиот ден од борбите загинале најмалку 137 Украинци, а 317 биле ранети.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека нејзините сили „успешно ги завршиле“ своите цели за првиот ден од инвазијата, претходно тврдејќи дека уништиле над 70 украински воени цели, вклучително и 11 аеродроми.

Бегалци од Украина, меѓу кои и десетици деца, кампуваа во текот на изминатата ноќ на железничка станица во соседна Полска, каде што набрзина се поставуваат прифатни центри.

Лидерите на ЕУ се согласија да ја казнат Москва со „строги“ санкции насочени кон нејзиниот финансиски, енергетски и транспортен сектор, додека нови санкции кон Русија најави и американскиот претседател Џо Бајден, вклучително и замрзнување на имотот на големите банки и прекин на извозот на висока технологија во земјата. Тој вели дека исклучувањето на Москва од меѓународниот банкарски систем СВИФТ исто така е „опција“. Бајден вели дека нема да испрати американски војници во Украина, туку „ќе ја брани секоја педа од територијата на НАТО“.