Фото: ЕПА

Навивачите на израелскиот фудбалски клуб Макаби Тел Авив „синоќа беа нападнати од заседа во Амстердам“ додека го напуштаа стадионот по натпреварот од Лигата на Европа против холандскиот Ајакс, соопштија израелските власти.

Се појавија и видеа кои покажуваат насилство врз навивачите на Макаби. Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар изјави дека 10 израелски граѓани се повредени и ги советуваше сите Израелци во Амстердам да останат во своите хотели.

Полицијата во пресрет на натпреварот го зголеми присуството во центарот на градот, а Саар, исто така, побара од неговиот холандски колега Каспар Велдкамп да им помогне на Израелците да се преселат од нивните хотели на аеродромот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека станува збор за сериозен инцидент и нареди да се испратат два авиони за евакуација на израелските граѓани.

Израелскиот лидер ги повика и холандските власти „да дејствуваат решително и брзо против бунтовниците и да обезбедат мир“. Израелската армија потврди дека ќе учествува во евакуацијата. „ИДФ (Израелските одбранбени сили) се подготвуваат веднаш да распоредат спасувачка мисија со координација на холандската влада. Мисијата ќе биде распоредена со помош на товарни авиони и ќе вклучува медицински и спасувачки тимови“, се вели во соопштението.

Што всушност се случи? Во средата вечерта, полициските службеници „спречиле конфликт меѓу група таксисти и група посетители кои излегле од соседното казино“. Имаше уште еден инцидент во кој беше симнато палестинското знаме во центарот на Амстердам. На социјалните мрежи беа објавени повеќе видеа на кои наводно се гледа како Израелците го рушат знамето и пеат навредливи песни.

Асошиетед прес пишува дека навивачите на Макаби очигледно се судриле со пропалестинските демонстранти. Судирите избувнаа и покрај забраната за пропалестински протести, која беше наметната од градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, бидејќи стравуваше дека ќе ескалираат.

Според полицијата, конфликтот избил на повеќе локации во центарот на холандската престолнина, но не е прецизирано од која страна дошло до насилството. Уапсени се вкупно 57 лица, соопшти полицијата. Амстердамската ТВ станица АТ5 објави дека демонстрантите фрлале со столчиња кон навивачите на Макаби. Полициските сили ги заштитиле Израелците и ги придружувале до нивните хотели.

Вчера попладне во центарот на градот дојде до конфликт меѓу израелските фудбалски навивачи и полицијата. Според полицијата, уапсени се десетина лица поради нарушување на јавниот ред и мир и поседување нелегални пиротехнички средства.

Пред натпреварот имаше изолирани судири во близина на стадионот на југоистокот од градот. Според полицијата, околу 200 демонстранти се обиделе да стигнат до местото на одржување.

„Тајмс оф Израел“ тврди дека напаѓачите на израелските граѓани носеле палестински знамиња и извикувале „слобода на Палестина“. Други израелски медиуми јавуваат дека се украдени пасошите на некои израелски државјани.