Фото: принтскрин/Твитер/ Илустрација

Израелската армија и Министерството за одбрана денеска објавија дека планираат да ги евакуираат жителите на уште 14 населени места во близина на границата со Либан поради континуираните ракетни напади на либанскиот Хезболах и палестинските фракции во последните две недели.

Минатата недела започна евакуацијата на 28 населени места на оддалеченост до два километри од границата и градот Кирјат Шмон со повеќе од 20.000 жители, потсетуваат израелските медиуми.

Многу жители на пограничните населби веќе се евакуирани на југ поради ескалацијата на нападите од Либан.

Портпаролот на израелската војска денеска оцени дека Хезболах на тој начин го „вовлекува Либан во војна“ бидејќи секој ден се зголемува бројот на напади.

Во изминатите две недели имаше неколку размени на оган меѓу израелската армија и екстремистичките проирански Хезболах и палестинските фракции исто така присутни во јужен Либан, а расте и стравот од отворање на нов фронт, додека војната на југ меѓу Израел и Хамас продолжува.

Утринава израелската армија објави дека нападнала група екстремисти во јужен Либан, кои планирале да истрелаат наведувана противтенковска ракета кон населбата Авивим во северен Израел.