Гласачките места во Франција се затворени. Во вториот круг се очекува да одат актуелниот претседател, Емануел Макрон и неговата најголема ривалка, Марин Ле Пен.
Макрон се надева на втор мандат, но проблеми може да му направи кандидатката на крајната десница.
Левичарскиот популист Жан-Лук Меленшон, исто така, се надева дека ќе влезе во вториот круг од изборите на 24 април.
Според првичните излезни анкети, Макрон и Ле Пен освоиле по 24 отсто од гласовите.
Првиот круг од претседателските избори во Франција започна утрово, а можеа да гласаат околу 48,7 милиони регистрирани избирачи.
Во првиот круг учествуваа вкупно 12 кандидати.
Француската изборна кампања беше во сенка на војната во Украина. Речиси ниту една порака во кампањата не одекна меѓу гласачите, а многу кандидати беа сфатени како слаби и несоодветни, зголемувајќи ги стравувањата од мал одѕив на гласачите.
Три институти предвидуваат победа на Макрон, Ле Пен е втора
Емануел Макрон води во првиот круг од претседателските избори, според првичните проценки, надминувајќи ја за неколку процентни поени лидерката на крајната десница, Марин Ле Пен, со која ќе ги одмери силите во вториот круг на 24 април.
Според проценките на трите институти, Макрон води со меѓу 28,6 и 29,7 отсто од гласовите, по изборната кампања под големо влијание на пандемијата на ковид-19 и војната во Украина.
На второ место е Марин Ле Пен со меѓу 23,5 и 24,7 отсто од гласовите, според институтите Опинионвеј, Ифоп и Ипсос, пред екстремниот левичар Жан-Лук Меланшон кој освои меѓу 19,8 и 20,5 отсто од гласовите.
Десничарската републиканска кандидатка Валери Пекресе доби само пет проценти од гласовите.
Помеѓу 26,2 и 29,1 отсто од гласачите не излегле на гласање, според две проценки. Во 2017 година на гласање не излегле 22,2 отсто од гласачите, додека во 2002 година апстинирале рекордни 28,4 отсто.
За потсетување, Марин Ле Пен загуби во 2017 година во вториот круг од Макрон.
Клучниот момент од кампањата за вториот изборен круг ќе биде на 20 април, кога ќе се одржи традиционалната телевизиска дебата на двајцата кандидати.
Во меѓувреме, левичарот Жан-Лук Меланшон вечерва порача „не смееме да ѝ дадеме ниту еден глас на мадам Ле Пен“.